Белгија се изјасни против предлогот на Европската комисија за прием на дел од мигрантите кои се наоѓаат на хуманитарни бродови близу Малта, соопшти денеска белгиската Влада.
Како што јави МИА од Брисел, Белгија смета дека е соочена со доволен број барања за азил на нејзина територија, со што смета дека ја покажува својата солидарност. Притоа, од крајот на 2018 белгиската Влада е техничка, откако главниот коалициски партнер ја напушти токму поради несогласувања околу миграциската политика.
Хуманитарните бродови „Си Воч 3“ и „Си Ај“, кои спасија вкупно 49 мигранти уште пред Нова година, се наоѓаат близу Малта, но властите во Ла Валата не им даваат дозвола да пристапа на нивна територија сѐ додека не се изнајде решение на европско ниво за распределување на барателите на азил.
Европската комисија со денови е во контакт со земјите членки за изнаоѓање решение.
Според дипломатски извори во ЕУ, за прием на дел од мигрантите за сега се изјасниле Германија, Франција, Холандија, Луксембург, Ирска, Романија, Малта, Португалија и Италија. Шпанија би можела исто да прифати дел од нив, но потсетува дека на 22 декември веќе прифати 300 мигранти спасени од шпанска невладина организација близу Либија.
Главен камен на сопнување во овие преговори е фактот што Малта бара да бидат распоредени дополнителни 200 мигранти, спасени и примени минатиот месец, но земјите членки на ЕУ велат дека немаат доволно место.