Утре Владата на Белгија треба да ги соопшти новите мерки по неколку недели строги забрани за патување и затворање на сите несуштински економски активности и училишта, но олеснувањето ќе биде постепено.

Забраната за патување истекува на 19ти април, но властите предупредија дека иако оваа забрана би требало да биде укината, патувањето сепак ќе биде ограничено со задолжителни карантини и ПЦР тестови. Во Европа само неколку региони во Шпанија, Португалија и Ирска не се обоени црвено, така што не се очекува интензивирање на движењето преку границите.

Поради сѐ уште недоволното подобрување на епидемиолошката состојба, комисијата што одлучува за мерките се очекува да препорача само делумно отворање не некои економски активности, како фризерите, додека другите контактни професии најверојатно ќе треба да почекаат до идниот месец.

Што се однесува до училиштата, секој регион одлучува засебно, она што за сега циркулира е отворање на школите според хибриден систем во кој учениците ќе посетуваат физичка настава само неколку дена во неделата.

Властите исто така размислуваат за воведување тестови за посета на забавни и културни настани како што се експериментира во други европски држави. Ваквата одлука ќе треба да содржи стриктни безбедносни правила за да може да се воведе.

Угостителите бараат да им се дозволи отворање што е можно поскоро особено со оглед на подобрените температури кои ќе овозможат отворање на терасите. Комисијата би требало утре да одлучи за овој сектор, но не е исклучено да побара да се чека до почеток на мај. Неколку министри предупредија дека мора да се внимава на состојбата во одделите за интензивна нега кои се сѐ уште преоптоварени во Белгија.