Коалициската федерална Влада на Белгија денес се состанува да разговара за зголемувањето на буџетот на одбраната, Зелените се противат, јавува дописничката на МИА од Брисел.
На барање на НАТО, кому Белгија е и земја домаќин, се очекува од државата до 2035 да ја постигне целта од издвојување два отсто од бруто домашниот производ за воениот буџет. Но економската криза и инфлацијата го закочи еланот. Федералните министри од коалициската влада, составена од Либералите, Социјалдемократите, Демохристијаните и Зелените, се состануваат денеска на оваа тема.
Премиерот Александер Де Кро сака до самитот на НАТО во Мадрид да може на неговите сојузници во Алијансата да им соопшти дека неговата земја ќе се придржи до заложбата, но неизвесноста владее во овој момент.
Очекувано, десно ориентираните партии во коалицијата – Либералите и Демохристијаните – ја поддржуваат оваа цел. Социјалдемократите, кои го имаат и портфолиото одбрана, се поумерени, но Зелените се резервирани.
Претседателот на партијата на Зелените, Жан Марк Ноле, смета дека ова барање од два отсто од БДП е неразбирливо и неприфатливо, особено со оглед на економската ситуација и инфлацијата, еколошката партија оценува дека нема каде да се најдат овие средства, ниту дека населението би имало разбирање за ваков потег.
Радикалната левица, во опозиција, исто така потсетува дека нејзиниот став е дека мора да се стави крај на трката со оружје на континентот и одбива било какво зголемување на воениот буџет. Екстремната десница од своја страна целосно поддржува поголеми инвестиции во одбраната.