Белград: 2004 пријавени 421 гласач, сега пријавени 24, а гласале 17 лица

/ 29.09.2018

Заврши гласањето на референдумот на македонските државјани во Србија кои го остварија своето право во Дипломатско-конзуларното преставништво во Белград. Како што јави дописникот на МИА, од запишаните 24 граѓани во посебниот извод на избирачкиот список во Амбасадата на Македонија на гласачкото место 5025 до 19.00 часот гласаа 17 лица.

– Гласачкото место 5025 беше отворено на време, во седум часот и затворено во 19 часот. Од 24 запишани гласачи, вкупно гласаа 17 македонски државјани. Гласањето течеше непречено и без никакви проблеми, изјави претседателот на изборниот одбор во ДКП Белград, Александар Поповски.

Македонските државјани во Србија трет пат го остваруваа гласачкото право, а прв пат на референдумско изјаснување. Во претходните изборни циклуси бројот на пријавени македонски државјани за парламентарните и за претседателските избори во 2014 година изнесуваше 421, односно 392 гласачи.

Причините за малиот број пријавени гласачи во Србија се повеќе. Но, според бројот на македонските државјани кои деновиве ја контактираа македонската амбасада во Белград, бројот на неинформираните гласачи е многу поголем.

– Имаме примери на граѓани кои дојдоа на гласање на ова гласачко место, но поради испуштениот рок на пријавување не можеа да го остварат своето гласачко право во ДКП Белград и затоа беа упатувани своето гласачко право да го остварат во Македонија, рече Поповски.

Според изборните правила, гласачите на прстот беа обележани со невидлив спреј, а пред влегувањето во просторијата беа проверувани со УВ-лампа.

– Од овој референдум очекувам да го реши повеќегодишниот проблем меѓу Македонија и Грција и да ни биде многу подобро, изјави Славе Груевски од Горни Милановац.

Гласањето во ДКП Белград се одвиваше мирно и непречено, а гласачкото место се затвори во 19 часот.

МИА


Од истата категорија