Еве како дописникот на белградскиот весник Политика ја виде оставката на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас и што тој извести за овој настан:

„Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас поднел оставка огорчен поради ставот на премиерот Алексис Ципрас кој не го поддржал во судирот со министерот за одбрана, Панос Каменос.

Коѕијас конечната одлука да ја напушти Владата на Ципрас ја донел по изјавата на официјалниот претставник за медиумите дека „секој кој е незадоволен може да излезе од владиниот воз“.

Димитрис Цанакополус во утринската ТВ програма на тој начин го прокоментирал незадоволството на шефот на дипломатијата кој на владина седница остро се судрил со министерот за одбрана, Каменос, меѓудругото, го обвинил Коѕијас дека е „човек на Сорос“ и дека користи недозволени средства за да работи против него како министер за одбрана и коалиционен партнер во Владата.

Дискусијата и нетрпеливоста меѓу двајцата министри била предизвикана пред се од незадоволството на Коѕијас од изјавите на Каменос при неодамнешното негово гостување во САД каде на домаќините им тврдел дека за решавање на македонското прашање постои и „план Б“. Коѕијас на министерот за одбрана му рекол дека не е компетентен да ја води надворешната политка и дека тоа што го предлагал во САД, а станува збор за формирање постојани американскки бази во северна Грција, директно го поткопува угледот на Владата на Ципрас и на Грција, по што Каменос рекол дека никој не може да му забрани да ги изложува своите погледи на ситуацијата. При тоа, го имал в предвид и својот алтарнативен предлог за Преспанскиот договор, без решавање на прашањето за уставното име на соседна Македонија, но со потпишување на меѓудржавен безбедносен договор помеѓу Грција, Македонија, Албанија и Бугарија, а подоцна можеби и Србија, со учество на САД, со што би се создала зона на безбедност во регионот и на северните грчки граници.

Да потсетиме, премиерот Ципрас енергично отфрли постоење на било каква алтернатива за Преспанскиот договор и дека Грција останува посветена на негово исполнување…

Во текот на седницата на Владата, судирот на двајцата министри добил сериозни размери, биле кажани многу работи, но според мислењето на министерот Коѕијас, премиерот Ципрас не го заштитил ниту поддржал во судирот со Каменос, што според него е доволна причина да си поднесе оставка.

Владата на Ципрас е во сериозна криза бидејќи Каменос тврди дека нема да го промени ставот ниту ќе прифати било какво решение со кое се овозможува во името на соседната земја да се користи терминот Македонија. Медиумите пишуваат дека на средбата со Ципрас, Каменос сепак се договорил да не ја урива Владата доколку Преспанскиот договор, под услов да помине во Македонија, дојде на дневен ред во грчкиот парламент.“