И покрај пандемијата, во Белорусија се одржа воена парада на која присуствуваа илјадници луѓе.

Претседателот на Белорусија претходно објави дека нема да ја откаже воената парада по повод Денот на победата, и покрај тоа што Москва се откажа од масовната церемонија.

„Морам да кажам дека не можеме да ја откажеме парадата – едноставно не можеме. Размислував за тоа долго време. Се разбира, тоа е емотивна и длабоко идеолошка работа“, рече тогаш Лукашенко.

Илјадници луѓе, меѓу кои и ветерани од Втората светска војна, присуствуваа на воената парада како дел од Денот на победата, и покрај епидемијата на коронавирус.

Русија и другите земји ја откажаа воената парада, така што Белорусија е единствената земја од поранешна СССР која со воена парада ја одбележа 75-годишнината од победата над нацистичка Германија.

„Во овој луд, дезориентиран свет, многумина ќе не осудат за одбележување на овој свет настан овде и сега“, рече белорускиот претседател Александар Лукашенко, додавајќи: „Не брзајте со заклучоци, не не осудувајте нас наследници на белоруските победници. Немавме друг избор. Но, дури и да имавме, ќе постапевме исто“.

Домашните и странските медиуми изразија загриженост за парадата и масовното собирање среде епидемијата на коронавирус.

Претседателот Лукашенко јавно ја втурна епидемијата во позадина уште порано кога се појави на велигденската литургија, но и на некои други јавни настани, и им рече на новинарите дека вирусот не е смртоносен како што се кажува.

 

Белорусија е единствената земја во Европа каде што се одржуваат фудбалски натпревари за време на пандемијата на коронавирусот, иако досега се регистрирани 21.101 случаи на ковида-19 и има починато 121 лице од оваа болест.