Рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов синоќа изјави дека руската воена база во Таџикистан се наоѓа во состојба на подготвеност за спротивставување на надворешни закани, како и дека е воспоставена тесна соработка во врска со нејзиното ангажирање.
Русија и Таџикистан тесно соработуваат во воената област, а во таа централноазиска земја се работи на формирање единици на авијацијата, беспилотните системи и специјалните сили, рече Белоусов.
– Меѓу Руската Федерација и Република Таџикистан е воспоставена тесна воена соработка во областа на безбедноста. Овозможуваме помош во приспособувањето на структурата на Вооружените сили на Таџикистан кон сегашните и идните услови за водење борбени дејствија. Активно учествуваме во формирањето единици на авијацијата, беспилотните системи и специјални сили – изјави Белоусов на свечениот прием по повод 35-годишнината од независноста на Таџикистан.
Белоусов наведе дека двете земји организираат заеднички активности за оперативна и борбена обука, дека Русија со Таџикистан споделува искуства од конфликтот во Украина и учествува во обуката на воениот кадар.
– Спроведуваме активности за опремување со вооружување, воена и специјална техника и помагаме во нејзиното одржување во соодветна техничка состојба. Посебно внимание посветуваме на зајакнувањето на таџикистанско-авганистанската граница – рече Белоусов.
Тој наведе дека денес во Таџикистан се создадени вооружени сили способни да ги заштитат интересите и суверенитетот на земјата.
„Искрено се радуваме на успесите на нашите колеги“, рече рускиот министер за одбрана.
Тој додаде дека Таџикистан во изминатите 35 години измина долг пат и стана самостојна држава која има важна улога во регионот на Централна Азија.




