Екстремно десничарскиот министер за полиција на Израел, Итамар Бен-Гвир повика на прекин на преговорите за ослободување на заложниците кои се уште се држат во Појасот Газа, пренесе ДПА повикувајќи се на израелски медиуми.

Весникот „Хаарец“ пишува дека политичарот на денешниот состанок на неговата партија рекол дека е неопходно да се нареди завршување на разговорите, кои се и за привремен прекин на огнот во војната во Газа.

Наместо тоа, Израел треба да премине во „нова фаза на интензивни борби“, го цитира весникот Бен-Гвир, кој исто така е министер за национална безбедност.

Претставниците на посредничките држави САД, Катар и Египет денеска се сретнаа со претставници на палестинската исламистичка група Хамас на вториот ден од разговорите во Каиро.

Египетска државна телевизија цитираше неименуван висок извор од Египет кој рекол дека имало „значителен напредок“ во разговорите. Други детали не се откриени. Во индиректните преговори меѓу владата на Израел и Хамас досега нема напредок.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, меѓу другото, бара милитантите да достават список со имињата на заложниците кои се уште се живи.

Исламистите не можат да кажат кои од заложниците киднапирани од Израел се уште се живи поради израелските напади, изјави вчера висок член на Хамас за британската телевизија Би-Би-Си.

– Тие се во различни области со различни групи, додаде тој.

„Волстрит Џурнал“, повикувајќи се на претставници од Катар и Египет, вчера исто така јави дека има уште еден предизвик што треба да се надмине. Контактот со лидерот на Хамас во Појасот Газа, Џихиа ал Синвар е прекинат најмалку една недела. Тој ќе мора да се согласи на каков било договор.