Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска на владина седница на која присуствуваше германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека светот не може да биде неутрален во однос на Иран.

„Иранската нуклеарна програма напредуваше повеќе од било кога. Светот чека, Иранците купуваат време и центрифугите се вртат”, рече Бенет, предупредувајќи дека изгледите Иран да се вооружи со нуклеарно оружје не е само стратешки, туку и егзистенцијален предизвик за Израел.

Меркел доцна синоќа пристигна во проштална посета на Израел и рече дека има среќа да има клучна улога во зајакнувањето на односите меѓу двете земји по ужасите на холокаустот во Втората светска војна, во кои беа убиени шест милиони Евреи.

Канцеларката пристигна во Израел по седми пат на крајот од нејзиниот 16-годишен мандат, обележан со речиси непоколеблива поддршка за Израел.