Поранешниот албански претседател, Сали Бериша, ги повика албанските граѓани да поведат „народна револуција“ против актуелната власт на Еди Рама.
Бериша кој беше лидер на Демократската партија која сега е во опозиција, истакна дека Албанците треба да го следат примерот на Романците кои се кренаа против корумпираните власти.
„Ценети пријатели, овие денови романските граѓани поведоа народна револуција во Букурешт и во цела Романија за да го сменат левиот клептократски режим. Изразувајќи ја својата солидарност со романските граѓани и нивната револуција, ги повикувам албанските граѓани, и ние да се кренеме на една сенародна револуција за да ја промениме наркодржавата и клептократскиот режим во Албанија“, напишал Бериша на ФБ.
Тој уште ги повикал Аланците од септември да направат највеличествен месец во историјата на Албанија.
Претходно, лидерот на ДП, Љуљзим Баша најавил дека во септември ќе организира „национални антивладини протести“ одбивајќи го предлогот на Еди Рама заедно да ги разгледаат законите битни за европската иднина на Албанија.