Блаже Миневски
-Нивната борба не била само борба, туку и религија. Тие веруваа во воскреснувањето на Македонија – ја почнува својата исповед 80 годишниот Христо Матов (разговорот е воден пред повеќе од десет години, н.з.). -Чичко ми Христо Матов – продолжува тој – умрел 1922 година; јас сум роден две година подоцна, но од документите и од кажувањата на татко ми отсекогаш сум имал чувство како да сум живеел со него. Во нашето семејство постојано се зборуваше за него како да е жив. Со татко ми Милан Матов со денови ја превртувавме македонската историја, спомените за војводите и белешките на чичко ми. Со татко ми живеев 38 години; тој умре 1962 година. Долги години бил војвода, учествувал во Илинденското востание, а бил и раководител на Битолскиот револуционерен округ. Дома постојано зборуваше за Македонија, а мајка ми често го прекоруваше, му велеше: “Стига веќе таа Македонија”.
Тој само ќе издивнеше и ќе речеше: “Со неа сум се родил – со неа ќе умрам”. И навистина умре така; бев до него ,ме фати за раката и ми рече: ”Синко, Христо, ние сме Матови, ние не им простуваме на оние што се против Македонците.”
Што ќе му кажам кога денес-утре ќе ме пречека горе ? Ќе умрам со отворени очи, зашто ништо не направив за Македонците во Бугарија; не уништи власта и разните Каракачановци! Со внукот на Пере Тошев полни десет година се обидуваме да ги обновиме македонските друштва, а државата му го подари целиот наш имот на оној мрсник Каракачанов”- вели резигнирано старецот, редејќи на масата купишта материјали за активностите на братствата на македонските емигранти во Бугарија.
Француски роман посветен на Христо Матов!
“Македонските друштва во Бугарија се формирани од бежанците за да си помагаат меѓу себе, да ги чуваат спомените за родниот крај, за Македонија .Уништувањето на тие друштва од страна на државата и нејзините платеници е геноцид врз Македонците во Бугарија. Јас тоа многупати сум го кажал јавно, но ништо и од тоа. Најгнасната работа ја заврши оној мрсник Каракачанов и онаа негова некаква ВМРО-СМД, која е голема срамота за тоа свето име. Тој, со помош на некои структури во државата, го украде целиот имот на македонските друштва. А тој калпак нема никава врска со Македонија, тој едноставно не е Македонец. Неговото ВМРО е приватно акционерско друштво; трговско друштво што тргува со кое тргува со Македонците. Македонските друштва во Бугарија постоеле уште пред да постои современата бугарска држава; третото бугарско царство е прогласено 1878 година, а македонските друштва постојат од 1876 година. Во периодот по Балканските војни, во Бугарија имало повеке од 700 македонски друштва”- вели со тага во гласот, но и лут на себе и на другите, за состојбите во кои се наоѓаат Македонците во Бугарија, 80- годишниот Христо Матов, внук на истоимениот основоположник на македонската револуционерна организација и син на војводата Милан Матов.
Иако веѓе во поодмината возраст, тој и уште десетина Македонци од познатите македонски семејства што живеат во Бугарија, во 1989 година формирале Комитет за заживување на старите македонски емигрантски друштва. Почитувајќи ги неговите дотогашни ангажмани, Матов бил избран за председател на Комитетот, но, сега, по 15 години работа, тој е крајно разочаран од односот на државата кон Македонците. Притоа со посебна горчина зборува за можноста што му била понудена на извесниот Каракачанов без никаков проблем да си го присвои огромниот имот што со децении го создавале македонските друштва и братства во Бугарија.
“Станува збор“, вели старецот, „за огромен имот, кој никако не можеме да си го повратиме, иако направивме безброј обиди за тоа”.
Христо Матов, соговорникот на Миневски, како дете, со мајка му Марија и татко му Милан, струшкиот војвода
По извесно време, откако малку се потсмири, разговорот повторно се враќа на спомените за неговиот чичко и татко, зачувани во семејството Матови. Впрочем тој е крстен на чичко си Христо, кој умрел како самец само две година пред тој да се роди. Според документите за македонската револуционерна организација, стружанецот Христо Матов е еден од главните, ако не и главен идеолог на ВМРО од почетниот период. Во првата разработка на стратегијата за дејствување на Организацијата, тој ги поставува основните принципи за автономија, внатрешна револуционерна борба, политичко-економска организација и самостојност во делувањето. Филологот Христо Матов, заедно со Пере Тошев, станува член на ЦК на ВМРО во 1898 година на првиот конгрес во Солун. Во тој период, освен нив, во раководството на револуционерната организација се уште и д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Андон Димитров и Иван Хаџи-Николов.
Според спомените на повеќемина тогашни македонски интелектуалци и револуционери, тоа е еден од најсилните состави на ЦК на ВМРО во нејзината историја. Во тоа време, на пример, нагло се зголемува членството во Организацијата, се создава институтот “комитска чета”, се снабдува населението со оружје и друго. Меѓудругото, Христо Матов, пред ЦК на ВМРО, го образложува и општиот план за Илинденското востание, што самиот го составува.
Браќата Христо (лево) и Милан Матови
– Мојот чичко е роден во март 1869 година во Струга, во куќата на семејството Чакар, роднини по баба ми Петра, неговата мајка. Тој е постар од татко ми Милан пет година, а меѓу нив е тетка ми Царевна. Тие биле единаесет деца во семејствата. Според спомените на татко ми – чичко ми Христо, во 1881 година, како бедно дете, од управата на струшката црква добива парична помош за школување во Солун. На тргнуваwе дедо ми Апостол му дал 12 гроша, но на крајот на годината тој му вратил 6 гроша. Можете да замислите какво мизерување било тоа, ако се знае дека само за интернатот биле потребни 5 гроша. Следните година дедо Апостол му давал по една бела меџидија и по 30 акчиња. И со нив чичко Христо умеел да преживее во Солун. Поради тоа што бил многу ситен по раст, децата го викале Ристе Малото. Последната година се разболел многу тешко на градите, но и на нозете. Стопалата, како што велеше татко ми, му се свиткале и му се искривиле, па затоа тој не можел да оди добро до крајот на својот животот. Татко ми велеше дека носел специјални обувки со пружинки на средината – се сеќава старецот, вртејќи ги старите тетратки од архивата на Христо Матов останати во семејството.
Истовремено ни ја покажува и последната фотографија на чичко му Христо, сликан заедно со својот брат Милан Матов. Таа фотографија е последната фотографија на неговиот чичко. Направена е само неколку недели пред неговата смрт.
-Како директор на Педагошкото училиште во Серес, чичко ми воспоставува блиски врски со д-р Христо Татарчев и, особено, со Даме Груев. Токму пред Груев и Ѓорче Петров, тој ќе се заколни пред ножот и камата – ќе стане член на македонската револуционерна организација. Во 1895 година е преместен во Скопје и оттогаш всушност почнува неговата практична работа во Организацијата. Но, набрзо, при една обиколка на скопските села, Христо е поткажан од некои луѓе дека работи за револуционерната организација, и, за да не биде затворен, Даме Груев преку свои канали средува тој веднаш да биде префрлен на работа во Солун каде што во 1898 година ќе биде избран за ЦК на ВМРО. По познатата Солунска провала, односно предавство во Организацијата, Христо е уапсен и испратен на заточение во Подрум-кале. Во затворот останува до амнестијата во 1902 година- вели старецот покажувајќи ни го оригиналното француско издание на романот “Пред колежот” од францускиот писател Пјер д’Еспања, кое тој го набавил во Брисел пред 20-ина година.
Романот е печатен во 1903 година, а писателот му го посветува на “Христо Матов, филолог и македонски учител, осуден на вечно заточение во Подрум-кале”. Оваа посвета е отпечатена на првата страница од романот. Во архивата на Христо Матов, која сега со голема љубов и внимание ја чува неговиот 80- годишен внук со исто име и презиме, е и неговата брошура “Трговија со македонско дело”, пишувана 1911 година. Христо напишал и поголем број студии на разни теми и од разни области, како што се студијата за Кауцки, потоа студијата за меѓународно право, за англиската филозофија, како и за слободата на човекот, за психологијата на толпата, за Дарвиновата теорија на развојот, за етиката на Хегел, за принципите на Спенсер, па дури и за историјата на Србите од 1857 до 1913 година. Старецот ни објаснува дека за една куцана страничка од овие брошурки, кои имаат по 50-ина странички, во архивата има ракописни текстови од цели 500-ина страници, што значи дека подоцна сите текстови биле скратувани и дотерувани.
Љубовната приказна на Христо и Весела
-Она што веднаш треба да се каже за чичко ми е фактот дека тој, за разлика од татко ми кој бил војвода, не бил човек на планината, туку на мислата и на пишаниот збор. Сите прашања, па дури и оние што не трпеле одлагање, ги решавал со сериозна анализа или, како што велел самиот: “Да преспие Матов, па после ќе ви одговори”. Легендарниот Михаил Герџиков за она шго го пишувал чичко ми велел дека е “како карпа-не можеш да исфрлиш ниту збор”. Татко ми кажуваше дека проблемите со стопалото многу често го правеле нервозен, но и покрај тоа не се откажувал да се фати на оро и да го игра, на пример, дури и “чамчето”, така како што се играло во Струга. Татко ми велеше дека пред Балканските војни чичко ми веќе бил сериозно психички и физички исцрпен и сосема нерешителен, дури и за безначајни работи. Во тоа време лидерот на ВМРО, Тодор Александров, кој дошол на тоа место исклучиво на инсистирање на чичко ми Христо, се повеќе ги изолира и него и д-р Татарчев од организацијата, а во 1915 дефинитивно го отстранува. Еве едно писмо од чичко ми до Александров, но одговор од тоа писмо никогаш не стигнал. Наместо тоа, како што кажуваше татко ми, кај нас дома стигнал лично Тодор Александров. Татко ми велеше дека двајцата седеле еден спроти друг и долго молчеле. Александров го прашувал за здравјето, а чичко ми него за семејството. По половина час, чичко ми Христо му рекол на Тодор: “Ова мене ми личи на крпена работа”. И така се разделиле; тоа била нивната последна средби. Неколку дена подоцна Тодор одобрил само 500-ини лева од касата на ВМРО за лекување на чичко ми, а со тие пари требало да се плати и жената што го негувала. Се разбира, таа мизерна сума била одбиена. Се работеше, велеше подоцна татко ми, за животот на еден од стожерите на Организацијата, а тие му одобрија само 500-ини лева и тоа тогаш кога во касата на ВМРО имаше 25 милиони лева.
Осумдесет годишниот Христо Матов, син на војводата Милан Матов, кој по убиството на Ѓорѓи Сугаре, станува претседател на Битолскиот ревулционерен округ, ја раскажува и тажната љубовна приказна меѓу неговиот чичко Христо Матов и велешанката Весела. Имено, во 1894 година, кога станува директор во гимназијата во Серес, Христо таму ја запознава, како што вели неговиот внук , единствената жена во својот живот.
-Тој тогаш има 25 години и вистински е заљубен за првпат во животот. Меѓутоа, како што самиот еднаш му признал на татко ми, токму кога сакал таа врска со Весела да ја круниса со свршувачка, во приказната влегува Ѓорче Петров, човекот кој заедно со Даме Груев е негов идол. Кога Христо му го соопштува тоа, кажувајќи му за љубовта меѓу него и Весела, Ѓорче сериозно го прекорува велејќи му дека “за нас нема друга жена- ние сме женети за Македонија”. Набрзо потоа, можеби токму за да го одалечат од Весела, првите луѓе на Организацијата го преместуваат од Серес во Скопје. Така чичко ми останува сам до крајот на животот, а Ѓорче Петров, за среќа, сепак се оженува, но за жал не добива потомство. Меѓутоа, приказната не завршува тука – продолжува старецот – туку во Централните гробишта во Софија. Таму, еден до друг, се погребани Ѓорче Петров и чичко ми Христо Матов. Ѓорче е во парцела број 27, а чичко ми во парцела број 28- завршува старецот цитирајќи за крај една мисла на чичко му Христо Матов запишана на едно пожолтено ливче во архивата:
“На нашето општество му недостасува општественост; тоа значи јас да ти кажам што мислам, ти да ми кажеш што мислиш, а да не се фаќаме за пиштолите”.
Внукот на еден од основоположниците на македонската револуционерна организција е најстариот потомок на струшкото семејство Матови. Тој е роден во Софија и веќе осумдесет години живее во истиот град. Но, неговиот син Емил, со сопругата и децата Марија и Мартин, веќе десетина година живеат во Америка. И спомените на семејството Матови, како впрочем и спомените на голем број Македонци, се селат зад океанот.
Стариот Христо Матов вели дека архивата на Матови би сакал да ја подари на некоја институција во Македонија, но се плаши некој да не ги уништи оригиналите, ако нешто од македонската историја не му се допадне, што за волја на вистината кај Христо Матов може да се најде, поради што долго време македонската историја го игнорирала.
Христо Матов е роден на 4-ти март 1869 во Струга. На Првиот конгрес на ВМРО во Солун, во 1898 година, заедно со Пере Тошев, бил избран за член на Централниот комитет. Бил професор по литература во Серес и во скопското Педагошко училиште. По Солунската провала бил заточен во Подрум-кале, а во периодот од 1902-1904 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Во тоа својство ја поддржал одлуката за кревање на Илинденското востание во 1903 година, изготвувајќи ја и стратегијата на востанието. Учествувал во работата на Рилскиот конгрес на ВМРО. Поради здравствени причини се повлекол од политиката, посветувајќи се на пишувањето. Напишал поголем број студии од разни области. Умрел во Софија во 1922 година.