БЕСЕДА НА ПРЕОБРАЖЕНИЕ:

ЗА ВИСТИНСКАТА ДУХОВНА ПРЕОБРАЗБА

Архимандрит Дамаскин

(дел од беседата изречена пред Светата Причест 19.08.2018)

…Кон Светата Причест можат да пристапат не оние коишто само постеле, не оние што го преземале врз себе подвигот на постот, туку исклучиво оние коишто се помириле со Господа, односно оние коишто пристапиле и кон Светата Тајна Покајание и Исповед кај својот свештеник, духовник или исповедник и оние кои за тоа добиле разрешителна молитва и благослов од духовниот отец.

Оние пак, кои сè уште не се потрудиле да ги согледаат кај себе своите гревови и прегрешенија, нека се потрудат тоа да го направат во наредниов период или во наредната седмица, до пред празникот на Успението на Пресвета Богородица, или пак ако не стасаат – и после празникот нека се потрудат да го направат тоа, со Божја помош и со помош на поуките од Светите Отци и старци во книгите коишто и кај нас ги имаме, во однос на подготовката за Светата Тајна Покајание и Исповед. Да се потрудат да се подготват и да се помират најнапред со Господа, бидејќи додека не се помириме со Господа, додека од својата душа, од своето срце и од својот ум не ги изнесеме сите оние црнила, сите оние прегрешенија, сите оние наши темни и мрачни дела, со кои сме се оддалечиле од Црквата Христова, со кои сме Го разжалостиле Господа и Неговата сѐопростувачка љубов, Неговата огромна милост и човекољубие, дотогаш не можеме ни да го примиме во себе Самиот Господ.

Во Светата Тајна Покајание и Исповед и Самиот Христос невидливо присуствува и ни ги простува гревовите преку раката на свештеникот или духовникот, па после тоа, откако ќе ни бидат разрешени гревовите, очистена душата и подготвени и умот и срцето, дури тогаш ќе можеме да пристапиме и кон Светите Тајни на Телото и Крвта Христови.

Значи, не треба да се вознемируваат и оние кои сè уште не го направиле ова помирување, бидејќи, веќе реков и порано, Телото и Крвта Христови не ги примаме само во време на постот, туку ги примаме постојано и во текот на целата година. Значи, оние кои се трудат себеси постојано да се очистуваат со молитвата и трудот во добродетелите, постојано да се борат со страстите, со гревовите и со слабостите, со помош на духовниот отец кој самите ќе го изберат, коишто постојано ги постат секоја среда и петок надвор од постите, коишто ги почитуваат сите четири големи пости во годината и коишто редовно се исповедуваат, не само во текот на големите пости, туку постојано во текот на годината и не даваат ниту најмала нечистотија или прашинка да остане залепена на нивните души, тие добиваат благослов да се причестуваат и надвор од постите со соодветна подготовка.

Значи, главната подготовка за Светата Причест – ќе повторам за оние коишто не знаат и коишто сега можеби за првпат ги постат овие пости – не е постот, туку очистувањето на душата преку исповедта кај духовникот или свештеникот. Постот е прва заповед која треба да почнеме да ја исполнуваме, за да се подготвиме за борба со самите себеси, за да Му покажеме послушност на Бога и за да Му покажеме цврста одлучност и решеност дека сакаме да се покаеме, дека сакаме да почнеме да се поправаме и вистински да се преобразуваме себеси согласно заповедите Христови.

Тоа ни го укажува и денешниот празник, како што слушнавте и во беседата и во поуките, бидејќи со настанот кој го празнуваме денес, односно со Преображението Господово, Бог ни укажува кон што се стремиме ние со овој наш православен духовен живот тука на земјата, односно ни ја покажува таа нестворена, небесна, Божествена светлина во којашто пребиваат и светиите, оние коишто вистински се очистиле, просветлиле и обожиле себеси со благодатта Божја, оние кои вистински се преобразиле себеси, а преобразувањето всушност значи да го вратиме оној првобитен образ и подобие Божјо, според којшто Бог и го создаде првиот човек, а кој го изгубија нашите прародители, па преку нив и сето човештво, со првородниот грев, со падот и со отпаѓањето од послушноста кон Бога.

Затоа и ние треба вистински и постојано да се трудиме не само да го извршуваме и да го исполнуваме правилото на постот, не само да се трудиме редовно, според нашите сфаќања и мерила, да одиме формално на исповед и со тоа да се смируваме себеси, туку треба да се потрудиме со сите свои сили и да се преобразуваме себеси. Значи, да не останеме само надворешно исти, само да го смениме местото на нашето исполнување на времето во неделните денови, сега нели во храмот на светите богослужби, не само да се нарекуваме православни христијани, а однадвор да остануваме сосема исти и непроменети, исти какви што сме биле и пред да се обратиме од Бога, со истите лоши навики, со истите гревовни страсти, гревовни наклоности, со истиот тој слободен световен дух, со истото незауздување на јазикот, очите и ушите, со истиот непроменет начин на однесување, говорење и општење со луѓето.
Значи, ние како православни христијани треба да се преобразиме со Христовата светлина. Треба да го преобразиме целиот наш живот како што слушнавме во беседата, како оние коишто во себе го имаат Христа, коишто вистински се преобразуваат и се менуваат себеси. Не само надворешно да ја смениме облеката, не само да ставиме марами на главите, не само да облечеме долги ракави, долги сукњи и панталони и да изгледаме само надворешно побожни, туку вистински духовно да се преобразуваме. Да засветли на нашите лица таа нестворена Божествена Таворска светлина, којашто луѓето треба да ја видат, таа вистинска Христова духовна промена во нас. Како што и Христос ни порачува во денешниот празник, да засветли во нас славата на нашиот Небесен Отец преку нашиот богоугоден живот, преку нашите богоугодни дела, за и луѓето околу нас да Го прослават Бога. Да почнеме и внатрешно, духовно да го примаме тој мир Христов, да ја примаме благодатта Божја и вистински да се сообразуваме и преобразуваме со Христовата светлина, со Христовото Евангелие, а не да се сообразуваме со духот на овој свет, не да се сообразуваме со гревовните и мрачите темни дела на овој свет, кој во зло лежи и кој сѐ повеќе отпаѓа и се оддалечува од Бога и од вистинскиот пат кон Царството Небесно, кон Небесната татковина, кон она кон што сме повикани во овој наш земен живот.

Да се вратиме повторно во прегратките на Небесниот Отец и ние заедно со сите светии, кои сега пребиваат во таа нестворена светлина, да се потрудиме со нашиот богоугоден живот, со литургискиот живот во Црквата, со вистинската борба со себеси, со гревот, со страстите, навиките, пороците и слабостите, да се очистуваме, просветлуваме и обожуваме себеси и да постанеме вистински „богови“ по благодат, како што велат Светите Отци, за да го задобиеме вечното блаженство во Царството Небесно, коешто Бог го подготвил за оние кои вистински и искрено Го љубат, со сето свое срце и со сета своја душа. Амин!