Плати мора да се исплаќаат, гранични премини не смеат да се затвораат. Министерот Бесими ја отфрла најавата од Синдикатите на УЈП и Царина дека доколку не добијат зголемување на платите од 30% – ќе има целосна блокада на институциите, а рампите на границите ќе останат спуштени.
Вели дека ја разбира потребата на вработените за повисоки плати, но институциите законски мора да работат.
„Тоа не може да се случи. Има закони. Во законот точно се регулира дека синдикатите заедно со работодавачите утврдуваат начин како тоа ќе излезе. И тука мора да сме стриктни сите, во однос на почитување на законите, и во однос на почитувањето на правата, изјави Фатмир Бесими, министер за финансии.
Миниситерот Бесими, како и вицепремиерот Битиќи остануваат на ставот – нов колективен договор за цел јавен сектор, со кој вработените ќе добијат повисоки плати. Имаат нов предлог до Синдикатот – не за 5 туку за 2,5 години да го добијат бараното покачување, по методлогијата што ја бараше ССМ.
„Предлози се даваат на маса, по медиуми можеме се да си кажуваме, ние знаеме што имаме добиено. Имаме добиено предлог од нив дека методологијата за плати треба да биде заснована на просечна плата помножено со коефициент, ние кажавме дека тоа е прифатливо за владата, како што е и постоечката методологија која се аплицира во државата. Двата модела треба да се разговараат на маса и секако таму да се бара решение. Предложивме преоден период од пет години, тие рекоа не, сега го кратиме на 2,5 години“, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Седницата на Социоекономскиот Совет е закажана за следната недела. Во меѓувреме, од Синдикатот на УЈП не отстапуваат – велат дека постапката за штрајк си тече. До тогаш, вработените си протестираат по 2 часа дневно со неизвршување на обврските. Сега се чека Министерството за труд да се изјасни дали го прифаќа помирувачот или ќе предолжат нов. Во секој слулај, притисокот на вработените за зголемување на платите е голем, и затоа нема да се откажат.
Од Синдикатот на Царина чекаат нова средба со директорот, па ќе се изјаснат за понатамошните активниости.