Цените на лебот, брашното, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко, месото, оризот, јајцата, безоловниот бензин, дизелот, црвената нафта ќе се намалат како резултат на донесените мерки за намалување на ДДВ и акцизата, изјави денеска на прес-конференција во Владата министерот за финансии Фатмир Бесими.
Бесими апелираше граѓаните и стопанствениците да не веруваат во лажни вести, нагласувајќи дека сите мерки се преземаат навремено и дека нема простор за паника.
Одлуките донесени од Владата, а вчера изгласани во Собранието денеска стапуваат во сила, а практичната реализација по однос на цената на гориватапочнува од утре, додека за прехранбените производи тоа ќе биде во наредните денови.
Бесими ја поздрави конструктивната расправа во Собранието и заедничкото носење на законите, кои се важни за економијата, стандардот на раѓаните и најранливите категории.
– Одлуките се веќе објавени во Службен весник, како што се и измените на законите. Со тоа се исполнети сите услови за овие одлуки да стапат во сила, изјави Бесими.
Тој нагласи дека законските измени предвидуваат механизми кои Владата ќе може да ги користи и во иднина доколку има потреба да се избегнат какви било шпекулации и ценовни шокови на граѓаните и стопанството.
Бесими ги наведе антикризните мерки кои ќе се применуваат.
– Стапката на ДДВ за основните производи за човечка исхрана е намалена од 5 на 0 проценти до крајот на мај. За да има позначаен ефект оваа мерка ќе се спроведува со паралелна наредба на замрзнување на маржите за некои производи. Повластената стапка од 5 проценти ДДВ за електрична енергија за домаќинствата се продолжува до крајот на 2022 година. Стапката на ДДВ при промет на енергенсите се намалува од 18 на 10 проценти. Се намалува акцизата на бензинот за 1 денар, дизелот за 2 денари и екстра лесното за 4 денари, посочи министерот за финансии.
Фискалната импликација за три месеци колку што траат мерките е околу 1,7 милијарди денари, додека за електричната енергија е вкупно 2,7 милијарди денари на годишно ниво.
– Донесовме мерки кои чинат околу 400 милиони евра за Буџетот. Сто милиони се откажување од приходи, а околу 400 милиони се директни расходи насочени кон кризата. Дел се предвидени, а за дел се прави пренамена. Ликвидноста на буџетот останува стабилна. Економскиот импакт од мерките се очекува да биде над 500 милиони евра, изјави Бесими.
Тој ги повика граѓаните и стопанствениците да бидат рационални во трошењето на енергенсите и да не подлегнуваат на шпекулации кои се на штета на личниот буџет, посочувајќи дека Владата е транспарентна и навремено информира за сите случувања.