Изнајдено е решение за исплата на платите во здравството, дури и ако до понеделник не се реши проблемот со системот на Фондот за здравство. Министерот за финансии Фатмир Бесими, во гостување на националниот сервис МТВ, рече дека доколку до понеделник ФЗО не го реши проблемот со хакираниот систем, средства ќе бидат префрлени директно од средствата на централниот трезор, а понатаму ќе се изврши порамнување со Фондот.
-Очигледен е техничкиот проблем со системот во ФЗО, и тоа е хибридна војна која не се случува само кај нас, следствено на тоа и со исплатата на платите за здравствените работници. Доколку набрзо (зборувам за ден два) не се отстрани проблемот со системот на ФЗО, платите ќе се исплатат од Трезорот, а понатаму ќе се направи порамнување со буџетот на ФЗО. Мора да нагласам дека ФЗО има друг систем на исплата од трезорот па затоа е проблемот. Ова е вон редовните процедури, но е во рамки на законот, рече Бесими.
На прашањето дали има доволно средства за исплата на платите на здравствениот сектор, министерот истакна дека буџетот е ликвиден, како и дека приходите во буџетот од почетокот на годината заклучно со средината на февруари се повисоки за 10% во однос на истиот период лани.