Министерот за финансии Фатмир Бесими на вчерашниот брифинг ги презентираше даночните реформи преку кои, според него, треба да се соберат 54 милиони евра.
Како што истакна тој, ќе се воведе данок за реинвестирана добивка кај компаниите која досега не се оданочуваше, а нема повеќе да има поволности за придонесите за доброволниот пензиски фонд.
Потоа, ќе се намали основата за даночни олеснувања за вложување во спортот, ќе се укинат и преференциите кај премиите за животно осигурување, ќе се оданочува и капиталната добивка од продажба на акции како и каматите од орочените депозити во банките.
Што се однесува до социјалните придонеси, ќе се укине највисоката месечна пресметка, ќе се плаќаат придонеси за задолжително социјално осигурување за договори за дело.
Бесими најави новини и кај ДДВ, појаснувајќи дека за ставките од реформите попрецизно ќе се дебатира во следниот период.
– Кај некои даноци не може да има олеснувања до бесконечност, туку само времено – рече министерот, додавајќи дека собраните приходи ќе се искористат за инвестиции во здравството, енергетските капацитети, патната и железничката инфраструктура.