Од понеделник во Собранието треба да почне расправата за Предлог-буџетот за 2022 година. Министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА вели дека е важно тој да биде донесен во законски предвидениот рок, бидејќи со него се обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој.

– Значајно е да подвлечам дека преку Буџетот се обезбедува и навремена исплата на плати, пензии, социјални надоместоци, субвенции, се обезбедува реализација на капитални инвестиции, коишто за 2022 година се планирани на ниво од 37,8 милијарди денари и се повисоки од буџетскиот дефицит. На тој начин се почитува златното правило во јавните финансии, односно планирани се повеќе средства за финансирање на инвестициските проекти, од предвиденото задолжување, истакнува Бесими.

Според него, Предлог-буџетот по сите карактеристики е развоен што се гледа и преку проектираниот историски највисокиот износ на капитални инвестиции во вкупните расходи од 14 проценти. Уште позначајно, според Бесими, е што тие се проектирани на износ кој е повисок од буџетскиот дефицит, односно буџетскиот дефицит е проектиран да изнесува 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од планираниот БДП, додека капиталните расходи се проектирани на износ од 37,8 милијарди денари или 4,9 проценти од БДП.

– Тоа значи дека во 2022 година ќе се позајмува само за реализација на инвестициски проекти, истакнува Бесими.

Главен ќе биде принципот „value for money“ што значи дека парите на граѓаните ќе се користат онаму каде што ќе има најголеми ефекти за остварување на целите за повисок квалитет на животот.

Согласно проекциите, вкупните расходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари или 32 проценти од БДП, а приходите на 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Вкупните приходи се за 7,4 проценти повисоки од 2021, а кај расходите има зголемување за 1,4 проценти во споредба со расходите во 2021 година, но тие се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година. Дефицитот е проектиран на ниво од 33,5 милијари денари или 4,3 проценти од БДП, а стапката на инфлација на 2,4 проценти.

Во интервјуто, со министерот за финансии разговараме и за капиталните инвестиции, за кои тој вели дека треба да бидат во клучните инфраструктурни области кои ќе генерираат раст, а појаснува и на кој начин ќе се одвива отплатата на проектираниот дефицит и на долгот. Бесими посочува дека и во услови на криза и во година кога требало да се отплати 500 милиони евра еврообврзница издадена од 2014 година, намален е јавниот долг на 59,3 проценти заклучно со третиот квартал.

– Ова ја покажува добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии и во време на пандемија. Како Министерството за финансии цврсто стоиме на заложбата за стабилизирање на долгот и негово позиционирање на ниво до 60 проценти од БДП, вели Бесими.

Во продолжени го пренесуваме интервјуто во целост:

Господине министре, Владата го усвои Предлог-буџетот за 2022 година и веќе е доствен до Собранието каде на 15 ноември е закажана расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет. Дали очекувате конструктивна дебата и усвојување на предложената државна каса?

– Буџетот е стратешки документ, во кој Владата финансиски ги пресликува приоритетите на кои ќе биде посветена во текот на годинaта и истиот треба да се донесе од страна на Собранието бидејќи тој обезбедува непречено финансирање на функциите на државата, силна финансиска поддршка за економското заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој.

Значајно е да подвлечам дека преку Буџетот се обезбедува и навремена исплата на плати, пензии, социјални надоместоци, субвенции, се обезбедува реализација на капитални инвестиции, коишто за 2022 година се планирани на ниво од 37,8 милијарди денари и се повисоки од буџетскиот дефицит. На тој начин се почитува  златното правило во јавните финансии, односно планирани се повеќе средства за финансирање на инвестициските проекти, од предвиденото задолжување.

Поради тоа важно е Буџетот да се донесе во законски предвидениот рок. Имено, подготовката и донесувањето на буџетот на државата е пропишано со Закон и во него се наведени прецизни рокови според кои треба да се постапи. Согласно тие рокови буџетот од страна на Собранието треба да се донесе најдоцна до 31 декември во годината.

Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 37,8 милијарди денари и се повисоки за 27 проценти во однос на Буџетот за 2021 година. Првпат тие ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит. Зошто се одлучивте на ваков чекор?

– Владата е фокусирана на остварување повисок економски раст и подобар квалитет на живот на граѓаните. За ова да се постигне, јасно е дека мора да има повисоки капитални инвестиции, но тие треба да бидат во клучни инфраструктурни области кои ќе генерираат раст. Исто така, наша цел е да се поттикне и порамномерен локален и регионален развој со што ќе овозможиме конкурентност на македонската економија на надворешните пазари, но и привлекување странски директни инвестиции во нашата држава при што добрата инфраструктурна поврзаност е клучна во делот на носење одлуки за инвестиции во една општина или држава.

Притоа, фокусот на капиталните инвестиции се  зелената агенда, дигитализацијата, иновациите и технолошкиот развој, развојот на физичката инфраструктура…, но, исто така, продолжувамe и со поддршката на компаниите преку Ковид програми, за што се издвоени 4,6 милијарди денари.

Кај политиката на подобрување на структурата и реализацијата на капиталните расходи, главната цел е зголемување на потенцијалот за раст на домашната економија, зголемување на конкурентноста, привлекување и поттикнување на инвестиции преку зголемување на нивото, квалитетот и динамиката на реализација на капиталните расходи.

Важно е дека при реализацијата ќе се водиме од принципот вредност за вложените пари (“value for money”), што значи дека средствата од буџтетот односно парите на граѓаните ќе се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот.

Преку воведеното буџетирање базирано на резултати ќе се постигне подобра ефикасност и ефективност на јавните расходи, преку поврзување на трошоците во јавниот сектор со резултатите што се постигнуваат. На буџетирањето не смее да се гледа како на изолирана иницијатива, туку како на дел од пошироките институционални реформи, чија цел е повисок квалитет на живот на сегашните и идните генерации.

Капиталните расходи во Предлог=буџетот за 2022 година се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната, железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Како позначајни проекти би ги издвоил изградбата на Коридорот 8: делница Тетово – Гостивар (проширување на автопат), изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делниците Гостивар-Букојчани и Букојчани – Кичево, како и Коридорот 10: делницата Прилеп – Битола. Дополнително, преку ЈПДП во делот на патна инфраструктура  ќе се изготви физибилити студија (студија за изводливост) за изградба на патот Тетово – Призрен.

Воедно, во 2022 година планирано е да заврши реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10 финансирана со заем од ЕБОР. Предвидени се и средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8: делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, финансирана од ЕБОР. Покрај со заем од ЕБОР и со грант од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан, во рамките на проектот предвидени се и активности за подобрување на техничките карактеристики на пругата, изградба и рехабилитација на мостови, железнички станици, стојалишта, подвозници и надвозници.

Во текот на 2022 година, со заем од Светска банка ќе продолжат активности за реализација на Проектот за локални патишта, со што ќе се подобри патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија.

Преку ИПА средства ќе се имплементираат проекти за изградба на патната делница Градско – Дреново, како дел од патниот правец на Коридор 10 и рехабилитација, реконструкција и надградба на постојната патна инстраструктура.

Во областа на енергетската и комуналната инфраструктура и управување со отпад ќе се продолжи со интензивирана динамика на изградбата на водоводните и канализационите системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитната линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Преку Проектот за подобрување на општински услуги, финансиран од Светска банка, ќе им се овозможи на општините и јавните комунални претпријатија да финансираат инвестициски зафати согласно своите приоритети во областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги кои имаат потенцијал за генерирање приходи, односно остварување заштеди или пак кои се од висок приоритет за општините.

Во 2022 година со заем од Светска банка ќе започне да се реализира Проектот енергетска ефикасност во јавниот сектор, со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините, како и јавни здравствени установи на централната власт.

Со заеми од ЕИБ и ЕБОР, како и грант од ЕИБ, во 2022 година ќе започне финансирањето на еден од поголемите капитални проекти во земјата, а тоа е пречистителната станица за отпадни води во Скопје.

Преку ИПА средства ќе се поддржи рехабилитација и надградба на колекторскиот систем во Скопје, рехабилитација и надградба на канализациската мрежа и изградба на пречистителни станици во Кичево, Битола и Тетово, како и воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион.

Воедно со Предлог-буџетот за 2022 година е предвидено уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти и геомеханички истражни работи.

За здравствениот сектор, планирани се инвестиции наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, набавка на медицинска опрема и реконструкција на Општа болница во Кичево. Во 2022 година, воедно, ќе продолжи и реализацијата на Проектот – Регионална клиничка болница во Штип, финансирана со заем од ЦЕБ.

За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.

Во областа на образованието, со заем од КФВ банката ќе отпочне Проект за реконструкција на студентските домови, а ќе се продолжи и со реализацијата на Проектот за изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта со заем од ЦЕБ и национално кофинансирање.

За да се подобрат условите за учење во основното образование во земјата, со заем од Светска банка ќе продолжи финансирањето на реализацијата на Проектот за унапредување на основното образование.

Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвидени се значителни капитални инвестиции кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Во областа на правосудството, во 2022 година предвидена е реконструкција на казнено-поправните установи.

Во насока на реформи во јавните финансии, подобрување на фискалната рамка, зајакнување на процесот на планирање и извршување на Буџетот на Република Северна Македонија, подобрување на наплатата на приходите, зајакнување на системот на јавни набавки, внатрешна и надворешна контрола и транспарентно известување, во 2022 година ќе се продолжи со активности за подготовка за воведување на Интегриран информациски систем за управување со финансии и Интегриран даночен информациски систем кој ќе се финансира со заем од Светската банка и донаторски средства. Целокупниот процес на реформи во јавните финансии ќе значи воведување на концептот на „паметни финансии“ (SMART Finance) (стратешки, одржливи, одговорни, реформски и транспарентни), односно јавни финансии што ќе поддржат забрзан економски раст на среден и долг рок, во рамки на фискална одржливост и макроекономска и финансиска стабилност (Smart Finance for SmartER Growth).

Дел од експертите се согласуваат дека развојната компонента на буџетот се капиталните инвестиции, но имаат забелешка дека проектираниот дефицит од 4,3 проценти од БДП е висок, а ги загрижува и јавниот долг. Ваш коментар?

– Предложениот буџет за 2022 година според сите карактеристики е развоен буџет, што се гледа преку предвидниот историски највисокиот износ на капитални инвестиции во вкупните расходи од 14 проценти. Уште позначајно е што тие се проектирани на износ кој е повисок од буџетскиот дефицит. Односно буџетскиот дефицит во 2022 година е проектиран да изнесува 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од планираниот БДП, додека капиталните расходи се проектирани на износ од 37,8 милијарди денари или 4,9 проценти од БДП. Тоа значи дека во 2022 година ќе се позајмува само за реализација на инвестициски проекти.

Планираниот дефицит е во согласност со проекциите утврдени во Фискалната стратегија за 2022-2026 година и определбата за фискална консолидација и ја потврдува одржливоста на проекциите, определбата за буџетска дисциплина, редизајн на буџетската потрошувачка, преку зголемено учество на капиталните  инфраструктурните проекти во вкупните расходи.

Во 2022 година при зголемени средства за капитални расходи во однос на 2021 година и сѐ уште присутното влијание од кризата од Ковид 19, која ја наложува потребата од се уште високи буџетски дефицити за да се поддржат погодените компании и ранливите категории, проектираниот буџетски дефицит е понизок за 2,2 проценти од БДП во однос на проектираниот буџетски дефицит за 2021 година.

Појавата на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и одговор на кризата ја наметна потребата од дополнителни средства што влијаеше на  зголемување на буџетскиот дефицит, како и на јавниот долг. Тоа беше случај не само во нашата земја, туку и на глобално ниво.

За ублажување на економскиот шок Владата навремено реагираше со донесување повеќе пакети економски мерки, преку таргетирана и времена поддршка со цел заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и обезбедување социјална заштита за невработените и ранливите домаќинства. Преземените економски мерки предизвикаа зголемување на расходите на државата, а со тоа и зголемени дефицити.

Исто така, важно е да напоменам дека и во услови на криза и во година кога имавме и да отплатиме 500 милиони евра еврообврзница издадена во 2014 година, како и заеми за реализација на одредени преокти, ние успеавме да го намалиме јавниот долг и заклучно со третиот квартал од 2021 година неговото ниво да се сведе на  59,3 проценти од БДП што е под мастришкиот критериум (60 проценти од БДП). Ова ја покажува добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии и во време на пандемија.

Како Министерство за финансии цврсто стоиме на заложбата за стабилизирање на долгот и негово позиционирање на ниво до 60 проценти од БДП. Така што на среден рок, односно до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 57,7 проценти, додека државниот долг ќе се сведе на 50,7 проценти. За да се реализира ова подготвен е Планот за фискална одржливост со кој се обезбедува постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 6,5 проценти во 2021 година на 2,2 проценти во 2026 година. Тоа ќе се постигне преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и реструктурирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит.

Сето ова пак е насочено кон забрзан економски раст, којшто согласно донесениот План за забрзан економски раст, во наредните пет години треба да придонесе за двојно зголемување на стапката на БДП во однос на просекот во изминатите 10 години и од 2,5 проценти просечен годишен раст да имаме стапки на раст на БДП над 5 проценти до 2026 година, како и инвестиции што се проценуваат на 12 милијарди евра. Важно е дека од предвидените, 4 милијарди евра се инвестиции од јавниот сектор, а тие ќе генерираат дополнителни 8 милијарди евра приватен капитал. Концептот е така воспоставен што не генерира дополнително задолжување и даночни оптоварувања на граѓаните.

Најавивте дека дефицитот и отплатата на долгот ќе се финансираат во комбинација на домашно и странско задолжување, но притоа дека ќе се води сметка за оптимизација на трошоците за позајмување. Како планирате да го реализирате тоа?

– Отплатата на проектираниот дефицит за 2022 година во износ од 33,5 милијарди денари и отплатата на долгот во износ од 11,6 милијарди денари ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување. Клучно при обезбедување на потебните средства и изборот на финансирање ќе се водиме од тоа да се обезбедат потребните средства под поволни услови и намалени трошоци. Тоа беше постигнато и со издавањето на Еврообврзницата во март 2021 година кога беше постигната историски најниска каматна стапка од 1,625  проценти. Исто така, со цел да се управува прудентно со јавните финансии, ќе ја разгледаме и можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг.

Отплатата на главницата по основ на надворешниот долг во износ од 6,1 милијарда денари го вклучува редовното сервисирање на обврските кон странските кредитори, и тоа: ЕБОР во износ од 1,5 милијарди денари, Дојче банка во износ од 1,1 милијарди денари, ИДА во износ од 1,0 милијарда денари, ЕБОР во износ од 1,0 милијарди денари, ЕИБ 0,7 милијарди денари, ЦEБ 0,4 милијарди денари, Јапонска банка за меѓународна соработка во износ од 0,2 милијарди денари, и остатокот од 0,2 милијарди денари кон други билатерални кредитори (ИФАД, KфВ и други).

Задолжувањето во странство може да се реализира преку повторно отворање на постојните Еврообврзници на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти.

Отплатата на главница по основ на домашен долг е во вкупен износ од 5,5 милијарди денари и се однесува на отплати на двегодишни и тригодишни државни обврзници во износ од 5,1 милијарди денари и отплата на обврзници за денационализација во износ од 0,4 милијарди денари. Во 2022 година не доспеваат долгорочни обврзници, кои се со рочности од 5, 7, 10, 15 и 30 години. Домашното задолжување, кое е предвидено на ниво од 26,6 милијарди денари,  ќе се обезбеди преку задолжување со ДХВ и домашен заем, при што со цел оптимизација на портфолиото на ДХВ, a во насока на намалување на ризикот за рефинансирање, основна заложба ќе биде и зголемување на рочноста на портфолиото на ДХВ.

Исто така, меѓу изворите за финансирање, Министерството за финансии првпат во независната економска историја воведува нови видови финансиски инструменти и тоа: развојни, зелени, проектни обврзници и обврзници индексирани со инфлацијата кои се дел од Планот за забрзан економски раст.

Во наредниот среднорочен период, фискалната политика ќе продолжи кон понатамошна консолидација на јавните расходи, поттикнување на економската активност преку капиталните расходи и инфраструктурните инвестиции, подобрување на условите за водење бизнис и отворање на нови работни места. Истовремено ќе се продолжи со определбата за спроведување дисциплинирана буџетска потрошувачка со акцент на рестриктивност и контрола на помалку продуктивните трошоци, за сметка на зголемување на инвестициските вложувања во капитални проекти. Утврдените основни постулати на фискалната политика во наредниот период предвидено е да обезбеди фискална консолидација со постепено намалување на нивото на дефицитот.

Даночните приходи се планирани на ниво од 136,5 милијарди денари и се зголемени за 10,2 проценти во однос на 2021 година. Од каде ќе се соберат овие пари?

– За 2022 година вкупните приходи со Предлог-буџетот се планирани на ниво од 238,9 милијарди денари и тие се за 7,4 проценти повисоки од проценетите приходи годинава. Проекциите за приходите на Буџетот за 2022 година се базираат на  реализација на приходите во 2021 година, очекувањата за економскиот раст, како и активносите за подобрување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на јавните приходи.

Како што посочувате, кај даночните приходи за 2022 година кои се планирани во износ од 136,5 милијарди денари има зголемување за 10,2 проценти во однос на 2021 година. Најголемо учество во структурата на планираните даночни приходи има ДДВ  и тоа 45,6 проценти, а на акцизата отпаѓаат 21,2 проценти. При тоа  сакам да истакнам дека ваквото зголемување е предвидно и покрај тоа што имаме воведено втора повластена стапка од 10 проценти кај угостителските услуги, повластена стапка на ДДВ за електричната енергија за домаќинствата, како и отстапување на дел од акциата од нафтени деривати кон Јавното претпријатија за државни патишта од 30 проценти, наместо досегашните 20 проценти.

Вака проектираните зголемени приходи ќе се остварат преку подобрување на постојната даночна регулатива, намалување на даночната евазија, воведување напредни технологии, модернизација и автоматизација на работните процеси, зајакнување на капацитетите на институциите за прибирање на приходи, зголемена и поефикасна наплата на даночните приходи, како и зајакнување на институционалната координација.

Главната цел на даночната политика е обезбедување одржлив економски раст и развој, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи.

Исто така, во Предлог-буџетот за 2022 година планирани се околу 19,2 милијарди денари да се остварат по основ на неданочни приходи и 3,3 милијарди денари како капитални приходи по основ на продажба на земјоделско земјиште и општествени станови, како и по основ на планирана дивиденда од АД „Македонски Телеком“. Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 74,4 милијарди денари или за 7,5 проценти на повисоко ниво во однос на 2021 година. По основ на донации предвидени се 5,6 милијарди денари кои буџетските корисници е планирано да ги реализираат на сметките за сопствени приходи за конкретни проекти, како и повлекувањата од претпристапните фондови на ЕУ.

Инфлацијата е проектирана на 2,4 проценти. На што ги темелите ваквите очекувања имајќи предвид дека глобално има енергетска криза и пораст на цените на светските берзи?

– Стапката на инфлација во првите девет месеци од 2021 година изнесува 2,8 проценти. Растот на потрошувачките цени е регистриран кај речиси сите категории производи, при што позначителен е растот кај храната од 2,4 проценти, тутунски производи 6,4 проценти, горивата од 13 проценти и електричната енергија 5,7 проценти иако цените на енергијата во последните 2 месеца забележуваат забавен раст поради исцрпување на преносниот ефект од зголемувањето на цената со одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Клучно е дека инфлацијата е движена главно од растот на цените на храната и енергенсите, поради ценовни притисоци предизвикани од надворешни фактори.

Во насока на убалжување на последиците од оваа енергетска криза која е со пошироки размери и не ја опфаќа само РС Македонија се преземаат соодветни чекори. Веќе е прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија и се преземаат мерки и активности насочени кон обезбедување дополнителни количини електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва на активна моќност согласно утврдената кризна состојба согласно Законот за енергетика и Уредбата за критериумите и условите за прогласување кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности.

Согласно тоа, веќе се обезбедени 4 милијарди денари од Буџетот во 2021 година и префрлени се на АД Електрани на Северна Македонија, за обезбедување дополнителни количини електрична енергија, вклучително и балансна енергија и резерва на активна моќност. Дополнително за заштита на најранливите категории Министерството за труд и социјална политика во координација со Министерството за економија се задолжени да подготват мерки за поддршка на социјално ранливите категории за да користат дополнителни средства за заштита од енергетска сиромаштија. Ваква мерка веќе се спроведува и имаме 45 622 корисници од ранливи категории кои добиваат 1000 денари додаток за покривање на трошоци за греење. Мерка која, исто така, ја донесовме и веќе се спроведува, а беше во насока токму на заштита на стандардот на граѓаните, е намалувањето на ДДВ кај електричната енергија од 18 на 5 проценти за домаќинствата.

Состојбата се следи и важно е дека сѐ што се презема е во насока на обезбедување доволни количества електрична енергија и да се ублажи ценовниот ефект. Во периодот што следи се очекува стабилизирање на ценовните движења на примарните производи на храната и на електричната енергија на светските берзи. Порастот на цените на примарните производи и на енергијата се очекува да се стабилизираат најдоцна до средината на наредната година, така што и стапката на инфалција е проектирана на 2,4 проценти.

Нови инструменти кои првпат ќе се применат се развојните, проектните и зелените обврзници, како и обврзниците индексирани со инфлација. Тоа се инструменти кои ги има во Планот за забрзан економски раст. Кои се очекувањата од овие обврзници?

– Развојните односно обврзниците индексирани со инфлација, зелените и проектните обврзници имаат за цел постојано унапредување на финансискиот пазар на државни хартии од вредност, при што ја следиме светската практика.

Станува збор за иновативни механизми и инструменти со коишто може да се обезбеди финансирање и подобрување на ефикасноста при реализација на проектите.

Еден од овие инструменти е и обврзница индексирана со инфлацијата со чиешто издавање се очекува привлекување на расположливите средства на граѓаните.

Обврзниците индексирани со инфлацијата (inflation-indexed bonds) ќе бидат нов вид на долгорочни државни хартии од вредност издадени од Министерството за финансии. Тие ќе бидат индексирани со стапката на инфлација со цел да ги заштитат инвеститорите од пад на куповната моќ на вложените средства. Доколку расте стапката на инфлацијата, цената на обврзниците се приспособува за да се одржи нивната вредност.

Овие развојни обврзници, воедно, имаат за цел унапредување на пазарот на државни хартии од вредност, со што ќе се поттикне финансирањето на развојните проекти во земјата, а со тоа ќе се овозможи раздвижување на финансиските пазари во Република Северна Македонија. Овој тип финансиски инструмент, што ќе биде поврзан со инфлацијата, ќе носи одреден купон и ќе биде првично наменет за населението односно за физичките лица, со можност да биде достапен и за банките, пензиските фондови и другите учесници на финансискиот пазар.

„Зелените обврзници’’, ќе бидат наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и се специјално наменети за финансирање еколошки проекти. За разлика од постојните обврзници, зелените обв рзници ќе се користат само за инвестициски проекти или за зелен развој и ќе бидат за капитални расходи. Воведувањето на овој инструмент, на среден рок ќе помогне во развојот на финансискиот пазар.

„Проектните обврзници”, пак, ќе претставуваат алтернативен начин за финансирање на проекти поврзани со инфраструктура. Истите ќе нудат можност институционалните инвеститори да учествуваат во инфраструктурни проекти преку котирани хартии од вредност кои можат да се тргуваат и кои можат да понудат супериорни приноси приспособени на ризикот.

Новите инструменти и механизми коишто ќе се воведат имаат за цел мобилизирање на приватен капитал и зголемување на инвестициите во државава што ќе резултира со забрзан раст на економијата.

Клучено е дека со овие инструменти ќе им биде дадена можност на нашите граѓани од дијаспората што ги чуваат своите пари во банките во развиените земји каде што каматата е скоро нула, да ги инвестираат во обврзница врзана со некој проект. Со тоа ќе можат да инвестираат и во развојот на нивната држава, а притоа парите им се гарантирани и добиваат приход поголем од оној што им го даваат банките во развиените земји.

Со Планот за забрзан економски раст 2022-2026 планирате економски раст до 5 проценти и намалување на јавниот долг под 60 проценти од БДП до 2026 година. Инвестициите се околу 12 милјарди, од кои четири милјарди се јавни пари и со нив треба да се генерираат дополнително уште осум милијарди од приватни инвеститори. Како планирате да го реализирате тоа?

– Соочувајќи се со новата реалност како резултат на предизвиците од пандемијата, со цел закрепнување и обновен напредок, во ова време на крупни промени, ние, како Влада, сме насочени кон реализација на Планот за забрзан економски раст (“Growth Acceleration Plan”), како генерална рамка која се состои од сите елементи кои би можеле да придонесат за подобро искористување и зголемување на потенцијалот за раст на среден рок. Покрај тековните активности кои ги утврдивме, предлагаме иновативни начини за финансирање на инвестициите, за користење на сите достапни средства од официјалните кредитори и, конечно, да ги искористиме сите можности за мобилизирање на приватните инвестиции.

Приватните извори на финансирање ќе се поттикнат со јавните извори на финансирање и со широка палета на конвенционални и иновативни механизми и инструменти за финансирање. Поттикнувањето на приватните инвестиции ќе биде помогнато преку јавни приватни партнерства (ЈПП), приватизација на несуштински сегменти на јавните претпријатија, новоформирани инвестициски фондови, повторно искористување средства, подобра реализација на капиталните расходи преку КАПЕФ механизмот, итн.

 

Проценетите комбинирани ефекти од Планот за забрзан економски раст изнесуваат 12 милијарди евра инвестирани во проекти дизајнирани и спроведени од страна и на јавниот и на приватниот сектор. Со Планот особено ќе се поддржат еколошки и климатски проекти, иновации и иницијативи за поправедно општество, на тој начин олеснувајќи ја транзицијата кон ниско-јаглеродна, конкурентна, циркуларна и одржлива економија. Исто така, ќе настојуваме што повеќе граѓани да уживаат во придобивките од тој раст, односно истиот да биде инклузивен.

Билјана Анастасова-Костиќ

фото: Фросина Насковиќ