Косовскиот политички аналитичари оценија дека српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа навести дека ќе го прифати германско-францускиот план и оти сега на потег е премиерот на Косово, Албин Курти, објави БЕТА.
Аналитичарот Или Хоџа за ТВ Дукаџини изјави дека Курти тешко ќе го отфрли формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) по евентуалното прифаќање на француско-германскиот план од страна на Вучиќ.
– Ќе биде многу тешко Курти да ја одбие Заедницата. За да се надмине оваа ситуација, треба да има дијалог со политичките актери на Косово или да одиме на нови парламентарни избори, истакна Хоџа.
Додека според аналитичарот Астрит Гаши Србија ќе го прифати секој план што не значи официјално признавање на Косово.
– Топката е кај премиер Албин Курти. Курти е во проблематична ситуација. Доколку не успее да ги убеди посредниците во своите постапки, тоа ќе се смета за нарушување на мирот. Со оваа акција Србија ја смени играта, наведе Гаши.
Поранешниот косовски министер Дардан Гаши посочи дека Вучиќ го подготвува пат за прифаќање на француско-германскиот план.
– Она што го направи Вучиќ е интересен потег на Србија што го става Курти во тешка ситуација, истакна Дардан Гаши, додавајќи оти ако Србија го потпише документот, тогаш петте земји-членки на ЕУ нема да имаат причина да не го признаат Косово.
Аналитичарот Дибран Хоџа изјави дека по последниот потег на Србија претстојат тешки денови за Косово.
– Ако ја формираме Заедницата и не добиеме директно признавање од Србија, тогаш што сме добиле? Каква гаранција имаме дека ако прифатиме формирање на ЗСО, ќе има конечен договор, додаде Хоџа.
Додека аналитичарот Исмаил Ташоли оцени дека и Косово и Србија веќе го прифатиле француско-германскиот план.
– Во принцип, двајцата лидери веќе го прифатија француско-германскиот план. Но и овој план има многу непознати. Најпрво се зборуваше дека тоа е европски план. Дотогаш се зборуваше и дека тоа е американски план. Курти и ЗСО се на еднонасочна улица. Ќе излезе повреден дали ќе прифати или не. Ако го потпише ќе одговара. Ако не потпишат пак, ќе има политички проблеми, истакна Ташоли.