Системот за видеонадзор „Безбеден град“ вчера регистрирал вкупно 526 сообраќајни прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи. Првпат откога функционира системот, не е евидентиран ниеден прекршок за минување на црвено светло.

Од вкупниот број регистрирани прекршоци, 84 се сторени од возачи што управувале возило со странски регистарски таблички.

Најголем дел од прекршоците, 504, се однесува на управување возило со брзина поголема од дозволената. Регистрирани се и 22 прекршока за возење со сообраќајна дозвола со помината важност.

МВР информира дека вчера биле изречени и 17 мерки забрана за управување со возило, сите поради брзо возење. Од нив, 13 се изречени за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, а четири за надминување на ограничувањето на брзината за повеќе од 10 километри на час според сопственото ограничување на возилото.

Во рамките на дозволената толеранција при мерењето брзина системот вчера толерирал вкупно 3.336 возачи.

фото: Архива