Сончогледовото масло ќе се увезува без царина и се очекува увозот да ги пополни испразнетите рафтови и да ја спушти цената на овој производ за околу 20 отсто.

Сончогледовото масло ќе се увезува без царина. За да нема недостиг на домашниот пазар, Владата донесе одлука наместо 29 проценти, маслото за јадење да се увезува во Македонија без таа давачка.

Со ваквата мерка, која ќе трае до 31-ви мај, се очекува и пад на цената за најмалку 20 проценти. Србија неделава треба да ја тргне забраната за извоз во Македонија, а до тогаш, од Министерството за економија велат дека сончогледово масло ќе се увезува од Бугарија и Турција, како и до сега.

Истовремено продолжува забраната за извоз на одделни житарици, односно пченката, пченицата, јачменот, сончогледово семе и слично и во следните 30 дена.

Владините мерки ги објави на својот ФБ профил министерот за економија Фатмир Бектеши. Целта е вели да се заштити домашниот пазар и да се избегнат шпекулативните дејствија на трговците и производителите.

Едните ги криеја по магаците и создаваа паника кај граѓаните дека масло за јадење може да нема, додека другите изјавуваа дека суровини за производство нема, или се по многу повисока цена, па неминовно ќе биде поскапување.