Непосредно по француската победа во финалето на Светското фудбалско првенство во Москва, во Париз избија безредија, а двајца навивачи на Франција загинаа  додека го славеле освојувањето на светската титула против Хрватска.

Во градот Анеси, навивач одлучи да ја прослави титулата со скокање во канал, но за жал, неговиот обид за нуркање заврши фатално. Тој го скршил вратот и починал на самото место.

Во исто време, во Сен-Феликс, друг француски навивач удрил со својот автомобил во дрво и го загубил животот.

Повеќе од еден милион луѓе ја прославија титулата во Париз, по што избија немири. Трговски центар на булеварот Елисејските полиња беше демолиран од десетици лица маскирани со качулки, кои краделе вино и други производи.

Полицијата мораше да употреби солзавец за да ги растера упорноте разбојници.
Најмалку 4.000 полицајци биле распоредени во Париз како засилување на редовните полициски сили, а над 500 демонстранти биле уапсени.

Во западните и централните делови на Париз до утрово до 4 часот во сила беше забрана за движење со автомобили.
Француската полиција соопшти и дека низ цела Франција во текот на ноќта меѓу петокот и саботата биле опожарени близу 900 автомобили. Во саботата Франција го одбележуваше националниот празник – Денот на падот на Бастиља.