Бугарија одлучи да не го промени својот став, односно да не го повлече ветото за почеток на преговорите за членство во Европската Унија за Македонија, но од друга страна, пак, подготвена е да ја поддржи Албанија на патот кон Унијата, соопшти денеска бугарската преодна влада, пренесе БГНЕС.
Како што е наведено во сопштението, Бугарија ќе се придржува до Декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година во врска со проширувањето на ЕУ и процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и Албанија, како и на Рамковниот договор за европската перспектива на Македонија и Албанија усвоен на Советот на министри на 9 октомври 2019 година и поддржан со Декларацијата на Националното собрание од 10 октомври истата година.
Според најавите, ваквиот став Бугарија ќе го брани на состанокот на Советот за општи работи (СО) што ќе се одржи на 14 декември во Брисел.
„За Бугарија останува одлучувачки основниот принцип на сопствените заслуги на секој кандидат. Веруваме дека Албанија е подготвена да напредува на патот кон ЕУ и е подготвена да го поддржи усвојувањето на Преговарачката рамка за земјата и одржувањето на првата Меѓувладина конференција“, наведено е во ставот на бугарската преодна влада.