Бугарската агенција БГНЕС која често ги отсликува ставовите на официјална Софија во спорот со Македонија, објави дека во документот предложен од францускиот претседател Макрон се предвидува историските личности за кои Заедничката историска комисија веќе постигнала компромис да бидат објавени и прифатени за општи прослави со приложен календар за 2022 и 2023 година.
„Комисијата за последните четири години од својата работа констатирала договор за св. Свети Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Св. Наум и за Цар Самуил. Од нив, во записникот експлицитно е споменат само цар Самоил, а предвидено е да се заменат натписите на неговите споменици во Република Северна Македонија и конкретно на тврдината во Охрид, согласно формулата договорена од Мешовитата историска комисија. Предвидена е и непосредна измена на часот посветен на Цар Самуил во наставната програма за VII одделение на македонските училишта, согласно постигнатата компромисна формула“, објави попладнево новинската агенција.
Агенцијата наведува дека во текстот на протоколот не се вклучени историските теми „Гоце Делчев“, „Илинденско востание“ и „ВМРО“ експлицитно спомнати во Рамковниот став, кои се спорни теми меѓу двете национални историографии. „Нивното отсуство, како и воопшто на поновата историја, како и некој механизам за постигнување резултати за тоа во историската комисија, е сериозен проблем на целиот документ“, вели БГНЕС.
Како што се посочува главното прашање меѓу првата и втората меѓувладина конференција е прифаќањето на Бугарите во Уставот на Македонија. „Дополнително, се потврдува и заложбата на Скопје за немешање во внатрешните работи на Бугарија, што практично значи откажување од претензиите за македонско малцинство во нашата земја“, тврди новинската агенција повикувајќи се на текстот на документот кој го имаат кај себе.
Притоа се оценува и дека „македонските историчари од Заедничката историска комисија категорично одбиваат да признаат дека Бугарите живееле во Македонија во минатото, па дури и го оспоруваат правото на сите национални преродбеници и револуционери да се самоидентификуваат како Бугари“.
Документот предвидува најмалку 8-10 состаноци годишно на Историската комисија, меѓутоа како што анализира БГНЕС протоколот не предвидува механизам за постигнување конкретни резултати, ниту пак „санкција“ во отсуство на резултати.
извор: Новатв