Претседателот на Германија ја повика РСМ да ја признае бугарската етничка заедница во Македонија, јавува БГНЕС за пораките кои вчера ги упати германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер кој е во дводневна посета на Македонија.
„Кандидатурата на РСМ за членство е попречена од спорот со Бугарија, кој може да го блокира проширувањето на ЕУ – процес кој бара едногласна согласност од сите земји-членки. Предмет на спорот е историјата и културното наследство. За да се реши тоа, Македонија се обврза да го промени својот устав, признавајќи го постоењето на етнички Бугари во земјата“, потсетува агенцијата.
Штајнмаер рече дека уставниот амандман е „важна одлука“ бидејќи ќе обезбеди напредок во преговорите со ЕУ.
Тој истакна дека во исто време останува важно за Македонија да го продолжи процесот на внатрешни реформи.
БГНЕС потсетува дека „пред да се појават несогласувањата со Бугарија, Македонија реши уште еден спор – со Грција, која исто така се закани да ја попречи нејзината кандидатура за членство во ЕУ“.