Исклучително значајна е посетата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во нашата држава, бидејќи кој можеше да претпостави дека германски претседател во Собранието ќе ги цитира Блаже Конески и Петре М. Андреевски. Беше многу јасно кажано дека македонскиот јазик и идентитет се добредојдени да го збогатат европското семејство, европската култура и идентитет со нашиот македонски идентитет, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Тој денеска прашан за ставот во врска со посетата на германскиот претседател, посочи дека ние со Германија имаме исклучително високо ниво на поврзаност од сите аспекти. Германија, како што рече, е наш пријател 31 година, и помага во унапредувањето на нашето општество во голем број на области.

-Значајна е посетата на германскиот претседател, со оглед на значењето на големината на Германија како земја членка на Европската унија и како една од најсилните економии и како држава од која зависат многу процеси во Европа. Ако ја погледнете нашата економија таа е најмногу поврзана со германската економија. Исто така и голем број на наши сограѓани живеат и работат во Германија, додаде Ковачевски.

Според премиерот, пораката на Штајнмајер беше многу силна за сите пратеници во Собранието и повтори дека не треба самите себе да се кочиме на патот кон полноправно членство во ЕУ.

-Сите пратеници во Собранието тоа го должат на граѓаните, не само на нашата генерација туку и на идните генерации, бидејќи тие заслужуваат да живеат во европска држава, но во своја држава, а не во европска држава туѓина, каде ќе бараат подобар живот. Мојата порака е дека сите политички партии, сите пратеници во Парламентот имаат обврска пред граѓаните да ги носат одлуките кои се пред нас, кои ќе ни овозможат што побрзо зачленување во ЕУ, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по увидот на градежните работи за изградба на магистралниот гасовод, делница Неготино-Битола.