Грузиските власти минатата година користеле воден топ со хемиско средство од Првата светска војна за да ги задушат антивладините демонстрации, покажуваат резултатите од истрагата на британскиот јавен сервис Би-Би-Си, објавени денеска.
Би-Би-Си разговараше со експерти за хемиско оружје, свиркачи од грузиската интервентна полиција и лекари, а сите докази укажуваат на употреба на агенс што француската војска го нарекла „камит“.
Грузиските власти ги отфрлија наодите на Би-Би-Си како „апсурдни“ и тврдат дека полицијата постапувала легално против „брутални криминалци“.
„Камит“ го користела Франција против Германија во Првата светска војна, а потоа е повлечен од употреба поради долготрајните ефекти.
Педијатарот Константин Чакунашвили, еден од демонстрантите, рече дека неговата кожа „горела со денови“ откако бил погоден од течноста од водениот топ, а чувството се влошувало при миење.
По повикот на социјалните мрежи, речиси половина од 350 испитани демонстранти пријавиле долготрајни симптоми, вклучувајќи главоболки, замор, кашлица, отежнато дишење и повраќање. Неговата студија била прегледана од експерти и прифатена за објавување во меѓународното списание „Toxicology Reports“.
Кај 69 испитаници биле утврдени значајни абнормалности во електричните сигнали на срцето.
Свиркачи од грузиската интервентна полиција откриле дека водените топови во периодот до 2022 година биле полнети со хемиско средство кое, според нивните тестирања, е 10 пати посилно од обичен солзавец.
Би-Би-Си ги идентификувал хемикалиите во инвентарот на полицијата од 2019 година како трихлоретилен (UN1710) и бромобензил цијанид, односно камит (UN3439).
Експертот за токсикологија и хемиско оружје Кристофер Холстег оцени дека симптомите на демонстрантите се „во согласност со изложеност на бромобензил цијанид“ и дека ефектите не можеле да бидат предизвикани од обичен солзавец.
Специјалната известувачка за тортура на Обединетите нации, Елис Едвардс, истакна дека употребата на хемиски средства со долготраен ефект претставува кршење на човековите права и може да се смета за експериментално оружје.
Грузиските власти ги нарекоа наодите на Би-Би-Си „длабоко несериозни“ и тврдат дека полицијата постапувала во рамките на законот. Протестите на булеварот Руставели во Тбилиси, иако помали по број на учесници, сè уште се одржуваат речиси секојдневно, со барање за оставка од владата обвинета за изборни малверзации и политичко фаворизирање на Русија.
Владејачката партија Грузиски сон ги отфрли тврдењата дека ги поддржува руските интереси и наведе дека законските промени се насочени кон „јавно добро“.
Фото: Архива




