Втората репрезентација на светот од СП во Русија, Хрватска, вечерва доживеа вистинска катастрофа, библиски потоп, откако во Елче беше поразена од Шпанија со 6:0 во натпревар од Лигата на нациите.
Шпанците водеа со 3:0 по првото полувреме со головите на Саул, Асенсио и автоголот на Калиниќ. Кога се очекуваше дека во второто полувреме Хрватите ќе „нагазат“ на топката, им се случи дуплирање на трите гола од првото полувреме, па со головите на Родриго, Рамос и Иско, Шпанија стигна до неверојатни 6:0, резултат кој веќе тешко остварува и против многу послаби репрезентации од Хрватска.
Јавноста во Хрватска сигурно ќе бара објаснување за оваа катастрофа, иако се уште се свежи сеќавањата од Русија и успехот постигнат токму од овој тим и тренерот Далиќ.