Четворица босански полицајци беа полесно повреди при полициската акција за преместување на околу 500 мигранти од градот Бихаќ во прифатниот центар во Вучјак.
Министерот за внатрешни работи на Унско-санскиот Кантон, Нермин Кљајиќ изјави дека имало обиди на дел од мигрантите да се вратат во Бихаќ, но во тоа биле спречени од полицијата и биле вратени во Вучјак.
При ова дошло до кошкање меѓу полицајците и мигрантите, при што четворица припадници на полицијата се здобиле со полесни повреди.
– Во овој момент состојбата е под контрола и повеќе нема проблеми поврзани со однесувањето на мигрантите, нагласи Кљајиќ, додавајќи дека припадници на Црвениот крст обезбедиле храна и вода за мигрантите.
Голем број мигранти, пред се од Блискиот Исток, престојуваат на повеќе локации во северозападна Босна и Херцеговина, од каде се обидуваат илегално да ја преминат босанско-хрватска граница и да се упатат кон некоја од западните земји.