Шест милиони луѓе починаа во светот како последица на Ковид-19 од почетокот на избувнувањето на пандемијата, која влезе во третата година, покажуваат денешните податоци на веб-страницата „Ворлдметар“.
Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, од коронавирусот починале вкупно 5.999.158, а според експертите, „на епидемијата се уште не и се гледа крај“.
Оддалечените острови на Пацификот, кои немаа зараза две години, сега се борат со првите случаи на инфекција и смрт предизвикани од позаразната варијанта Омикрон.
Хонг Конг, каде што бројот на починати расте, овој месец трипати го тестира целото население од 7,5 милиони, следејќи ја кинеската стратегија за „нулта ковид“.
И покрај тоа што смртноста од вирусот останува висока во Полска, Унгарија, Романија и другите источноевропски земји, повеќе од еден милион бегалци од воена Украина пристигнаа во регионот. Украина е земја со мал процент вакцинирани и висока стапка на зараза и смртност.
И во САД, каде што има голем процент на вакцинирани, се приближуваат до милион регистрирани смртни случаи. Според денешните податоци, вкупниот број изнесува 984.000 починати.
Втор по смртност е Бразил со 652.000 починати, трета е Индија со 515.000, а Русија со 356.000 е четврта земја во светот по број на починати од коронавирус.