Движењето Беса категорично ја отфрлува можноста за предизборна коалиција со СДСМ, соопшти денеска Движењето Беса на Биљал Касами.
– Имајќи го предвид фактот дека во јавноста циркулираат информации, дека Македонија може да влезе во предвремени парламентарни избори, Движењето Беса категорично ја отфрла можноста за предизборна коалиција со СДСМ, оценувајќи дека секоја коалиција на СДСМ со било која албанска партија без да ги заокружи уставните права на Албанците како еднакви граѓани во Македонија, би биле штетни за интересите на Албанците. Движењето Беса како опозициска партија е отворено за соработка со сите албански политички сили, невладини организации, како и со групи на интелектуалци кои имаат приоритет максимализирање на албанскиот глас како единствена можност за квалитетна и достоинствена политичка застапеност на Албанците во Македонија, се вели во соопштението.
Анализирајќи ја актуелната политичка ситуација во земјата, се додава натаму во соопштението, и епилогот од референдумот одржан на 30 септември, Движењето Беса оценува дека политичката одговорност за високите државни интереси и припаѓа на сегашниот парламентарен состав да даде можност на отворање на уставните промени.
– Сметаме дека е историски момент ако се отвори прашањето за уставните промени, Движењето Беса ќе даде конкретни и концизни предлози во врска со унапредувањето на уставните права на Албанците во Македонија како втора по големина етничка заедница во земјата. Во духот на овие барања кои се во интерес на Албанците во Македонија, Движењето Беса апелира до сите албански политички партии дека преку политичкиот дијалог и обврските што произлегуваат од заедничката маса на албанските парламентарни партии да ги координираат прашањата од национален интерес на Албанците, соопштија од партијата на Касами.
Вчера, во една ТВ емисија на Алсат, и лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села категорички отфрли секакво коалицирање со Зоран Заев и со СДСМ.