Шефот на компанијата „Биохакс Италија“, соопшти дека очекува дозвола од италијанското Министерство за здравство за имплантација на поткожни микрочипови.

Микрочиповите содржат лозинки за кредитни и други картички, пинови, лични карти, пасоши, информации за претплата, билети за воз и авиобилети, лозинка за влез на работното место и други информации.

Шведската компанија „Биохакс“, светски лидер во производството и дистрибуцијата на микрочипови, е подготвена да инсталира 2.500 микрочипови на граѓаните од Милано до Рим во рок од неколку месеци.
Десетици илјади Швеѓани и Германци веќе имаат вградено поткожни микрочипови.

Предноста на микрочиповите е во тоа што помагаат да се заштеди време, избегнување на редици, паричниците и торбите нема да бидат полни со разни картички. Накратко, оваа технолошка новина е претставена како алатка што треба да го направи секојдневниот живот полесен и поедноставен за граѓаните.

Италијанските синдикати се загрижени дека ова може да ги загрози приватноста и правата на работниците.

Микрочипот е со големина на зрно ориз, се вметнува под кожата помеѓу палецот и показалецот на левата рака со помош на инјекција и останува невидлив за голо око. Целата операција трае неколку минути и се изведува под локална анестезија.