Изборите за новиот хрватски парламент ќе се одржат на почетокот на јули, соопшти претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.

„Изборите за десеттиот парламентарен состав од независноста во Хрватска ќе се одржат на 5 јули, недела, а во странство и во хрватските дипломатски и конзуларни претставништва, на 4 јули и на 5 јули, сабота и недела“, рече тој.

Одлуката за распишување на изборите влегува во сила на 2 јуни, што значи дека изборните рокови почнуваат еден ден подоцна, вклучувајќи и рок од 14 дена за политичките партии и независните кандидати да ги поднесат листите до Државната изборна комисија.

Иако Хрватска дневно регистрира само по неколку случаи на коронавирус и има добри епидемиолошки услови, изборите во јули ќе се одржат на малку поинаков начин од сите претходни поради епидемијата, кој ќе го дефинира Државната изборна комисија (ДИК) со хрватскиот Институт за јавно здравје, пишуваат локалните медиуми.

Инаку, Хрватска има 96 починати од почеток на кризата, а 2236 заразени. Вкупно се тестирани 56 000 лица. Македонија со двојно помалку жители, има вкупно 110 починати и 1858 заразени. Вкупно тестирани се 22 000 лица. Во последните 24 часа Хрватска има двајца позитивни од 1221 тестирани, а Македонија има 19 позитивни од 289 тестирани. Плус се тестирани 223 лица во рамки на скринигот во градинките.