Доколку изборите во Македонија од 15 јули се базираа на бројот на објавени твитови, тогаш владејачката коалиција „Можеме“, предводена од СДСМ, ќе требаше да освои двојно повеќе пратеници од главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, оценува БИРН во анализата за користењето на социјалните мрежи во предизборната кампања.
Сепак, како што се потенцира во текстот, она што се случува на социјалните мрежи, не секогаш се одразува и во реалниот живот, а особено не врз изборните резултати.
– Иако беше двојно поактивна на Твитер, владејачката коалиција предводена од социјалдемократите на Зоран Заев, извојува само мала победа на изборите, освојувајќи 46 од 120 места во Парламентот, само две повеќе од десничарскиот ривал ВМРО-ДПМНЕ, наведува БИРН.
Мрежата потенцира дека компаративна анализа на твитовите на партиските кандидати за пратеници утврдува дека хаштазите, како „Ние можеме“ и „Ние се грижиме“, кои ги користеа социјалдемократите се значително побројни во споредба со хаштазите, како „Одбери обнова“ и „Исправи се Македонијо“, користени од ВМРО-ДПМНЕ.
– Хаштазите на владејачката коалиција можеле да се сретнат на 5.600 твита, а оние на опозицијата на нашето над 2.100. Иако лидерот на социјалдемократите Заев беше предводник во овој процес, активни на мрежите беа и други истакнати личности, како министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерката Мила Царовска, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и техничкиот премиер Оливер Спасовски, од кои повеќето беа и носители на кандидатските листа во некоја од шесте изборни единици. Во опозицискиот блок, поголемиот број објави потекнуваа од профилот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски или од официјалниот Твитер профил на партијата. Во споредба со овие два профили, активностите на останатите претставници на опозициската партија беа занемарливи, се наведува во анализата.
БИРН посочува дека иако најголемиот број твитови на профилот на Заев се однесуваа промоција на кампањата на неговата коалиција, сепак околу 10 проценти од објавите содржеле негативна кампања против опозицијата.
– Помеѓу тие негативни објави, највпечатливи беа оние дека ако ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт, тоа ќе значи „враќање на режимот“, алудирајќи на авторитарното владеење на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, посочуваат авторите на анализата.
Според БИРН, и поголемиот број од објавите на профилот на Мицкоски биле насочени кон изборните ветувања или промоција на изборната кампања, но околу 13 проценти од нив биле посветени на напади на владејачката партија.
– Твитовите посветени на нападите врз социјалдемократите најчесто го содржеа зборот „криминал“ поврзан со Заев, како и со судскиот процес „Рекет“ во кој поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, во минатото силно поддржувана од Заев, и други осомничени беа прогласени за виновни за поткуп. Други објави го обвинуваа Заев за продажба на националните интереси поради склучувањето на важниот договор за пријателство со соседна Бугарија и историскиот договор за името со Грција, се додава во текстот.
Анализата покажува и дека девет од десетте најчесто споделувани објави во текот на кампањата биле на претставници на коалицијата на СДСМ, при што објавата на Заев со официјалната реклама на кампања е најсподелувана. Од друга страна, најсподелуваната на објава на Мицкоски, онаа во која ги поттикнува младите да останат во земјата и да „се борат за Македонија“, е дури на десеттото место според бројот споделувања.
БИРН посочува дека од анализата на сите објави на Твитер за време на изборната кампања, се заклучува оти најчесто споменувано е името на Заев, при што неговиот профил бил спомнат во 3.100 објави, додека оној на опозицискиот лидер Мицкоски во 1.580.
– И покрај острата изборна војна водена на Твитер и од коалициите и од нивните приврзаници, ниту еден блок не го освои она што го сакаше. Заев не освои сигурно мнозинство за формирање нова влада и спроведување на ветените реформи, а Мицкоски не успеа да ги убеди гласачите дека е време тој да ја преземе власта, се заклучува во анализата.