Јас сум противник да кажуваме дека ќе има зголемување на цената на струјата изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски.
Тој додаде дека во однос на ДДВ, РКЕ нема никакви ингеренции, бидејќи тоа е одлука на Владата.
– Доколку остане сегашната цена, зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 отсто во апсолутен износ значи зголемување за 4,7 отсто на вкупниот трошок на домаќинствата за електрична енергија, рече Бислимоски.
Тој додаде дека во наредниот период РКЕ ќе направи дополнителни анализи, односно, како што рече, сега е време на криза, но и можност за креативни решенија со единствена цел евентуалното зголемувањето на ДДВ на струјата да се амортизира и да им се излезе во пресрет на барањата на домаќинствата.
– Јас сум противник да кажуваме дека ќе има зголемување на цената. Прво треба да видиме како ќе заврши производството на електрична енергија оваа година од ЕСМ, колкави приходи остварувала од продажба на вишоци, дали имала потреба од увоз. Тоа да го разгледаме, па потоа треба да знаеме следната година колкави ќе бидат потребите на домаќинствата и малите потрошувачи и на загубите во системот, да видиме со кои цени ќе се снабдуваат за да ја знаеме точно реалната слика, посочи Бислимоски.
Вели дека нема потреба да се брза, бидејќи кога имало реални потреби заради екстремно зголемување на цените на пазарот за електрична енергија РКЕ не бегала од одговорност и носеле храбри одлуки за да се обезбеди ликвидност на целиот електроенргетски сектор.
На новинарско прашање дека вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најавил дека по Нова година може да се зголеми цената на струјата, Бислимоски истакна дека РКЕ ја определува цената за мрежарината, а за преносот и дистрибуција на електрична енергија, односно која цена ќе ја понуди ЕСМ на тендерот на ЕВН, Комисијата нема надлежност. Тој уште еднаш повика да се почека и да се согледа реалната состојба, но и да се направат анализи.
Бислимоски ги оцени како притисок барањата на Народниот правобранител за поплаките на граѓаните за цената за пренос на електрична енергија и, како што рече, РКЕ ќе ги информира сите меѓународни институции од областа на енергетиката како една државна институција прави притисок врз едно независно регулаторно тело.