Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска слави јубилеј – 20 години од почетокот со работа. Актуелниот претседател Марко Бислимоски, кој е еден од првите вработени во институцијата уште од 2004 година, за МИА истакнува дека за 20 години РКЕ од анонимно тело за кое на почетокот на работата ретко кој знаел што е неговата дејност прераснала во институција која пет години по ред е најдобар регулатор во регионот и е членка на многу светски и регионални здруженија на регулатори. РКЕ, како што вели, е институција која 20 години навремено ги завршува своите обврски и е отворена за соработка.
-РКЕ е релативно млада институција во државата. Причината за формирање на регулаторното тело беше иста како и секаде во Европа – политичарите сакаа да си го тргнат товарот од определување на цените и оттогаш се наоѓа начин тоа да го прават независни регулаторни тела. Првите членови во РКЕ се избрани во јули 2003 година, а Комисијата започнува да работи со вработени од 1 јануари 2004 година. РКЕ започна со работа со првите пет члена и на почетокот никој не знаеше што е регулаторно тело и кај луѓето не постоеше навика дека некој може да определува цени освен Владата. Од моментот кога РКЕ почна да ги определува цените на нафтените деривати во 2004 година, јавноста почнува да ја запознава новата институција, вели Бислимоски.
Нагласува дека првичното екипирање на РКЕ е направено во 2004 година и, како што посочува, речиси сите што биле вработени дошле од приватниот сектор и немале никаква поврзаност со компаниите што требало да ги регулираат.
-Тоа се покажа како исправен чекор затоа што влеговме со нови гледања и нови сфаќања. Тогаш постоеја сериозни предизвици. Прво што направи РКЕ беше нова методологија за цени на струја како првична, па потоа се усвоија методологии за сите останати видови на енергија – за природен гас, за топлинска енергија. Во тој период со Законот за енергетика имавме обврски да издаваме лиценци, па затоа се работеше на изработка на правилници. Тоа се случуваше во првите две години кога и реално освен домашните задачи да донесеме подзаконска регулатива поради тоа што јавноста многу не не знаеше во најголем дел немавме многу дописи и жалби. Затоа во најголем дел се посветувавме на методологии, правилници за лиценци, правила за снабдување со различни видови на енергија, појаснува Бислимоски.
Од 2006 година, кога почнале да се носат првите одлуки за цени на електрична енергија, вели Бислимоски, јавноста сфатила дека постои независно тело кое ги определува цените.
-Оттогаш па натаму РКЕ се повеќе и повеќе си го заземаше местото кое што со закони и припаѓа. Мислам дека во голем дел се етаблиравме како институција која навремено ги завршува своите обврски и која е отворена за соработка и која помеѓу другото се грижи и за правата на потрошувачите. Очигледно е дека сето тоа се ценело и некаде во 2016 година, па и порано, РКЕ ги презема и обврските за определување на тарифите за водни услуги, а од 2021 година сме надлежни и за определување на тарифите за комуналниот отпад. Со тоа се повеќе се зголемува обемот на работа, вели Бислимоски.
Енергетската и здравствената криза причина за никогаш да не се врати тоа што претходно беше нормално
-Во изминативе две до три години бевме актуелни кога, како и целиот свет, бевме соочени со две огромни кризи од кои првата беше здравствена и никој не ја очекуваше, бидејќи претходно немало здравствена криза од таков обем. Втората е енергетската криза која почна од средината на 2021 година, а и сега ни се случува. Се надеваме дека пикот и максимумот го достигна минатата година, бидејќи оттогаш имаме одредено намалување и одредена стабилизација на цените, но далеку е од едно нормално ниво кое сме го сметале пред да започне кризата. Цената на електричната енергија на берзите е два до три пати поскапа, гасот е поскап од 50 до 100 проценти во зависност од периодот, нафтените деривати циклично се движат и одат горе доле. Тоа значи дека РКЕ никогаш нема да се врати во тоа нормално кое беше претходно, туку се повеќе и повеќе ќе работи на обврските кои произлегуваат од разни закони. Во текот на работата секогаш сме се обидувале да излеземе во пресрет на сите барање и се обидуваме да излеземе од клишето на една јавна институција и да имаме воспоставено принципи на работа со кои навремено и брзо ќе одговараме на сите дописи кои ги добиваме пред се од граѓаните. Тие се во значителен обем и се обидуваме на сите да им излеземе во пресрет доколку е можно, прецизира Бислимоски.
Кога започна енергетската криза, како што вели, РКЕ увидела дека има слабости кои се провлекувале со години, но бидејќи цените биле ниски не се посветувало внимание на тие проблеми.
-Од нас произлезе иницијативата ДДВ-то за електрична енергија во кризниот период да се намали од 18 на 5 проценти. Постојано повикуваме и на целосно менување на концептот за заштита на ранливите категории на потрошувачи. Со сегашниот концепт со поддршка се опфатени само домаќинства кои примаат социјална помош и пензионерите кои се во групата со најниски пензии. Сметаме дека тој опфат треба да се прошири и дека помошта за ранливите категории треба да биде поголема отколку што е сега. Предлагаме колку се приходите на едно домаќинство пониски, толку да биде поголема помошта која ќе ја добиваат од државата. Како ќе се зголемуваат приходите на едно домаќинство, така да се намалува помошта. Се обидуваме да бидеме присутни и да бидеме кооперативни таму каде што гледаме дека има одредени проблеми можеби излегуваме малку од нашите ингеренции, но тоа го правиме за општо добро и верува дека е добро прифатено затоа што помага да се решаваат проблеми кои тлееле и не се преземале мерки за да се решат, вели Бислимоски.
Потсетува дека првпат се раздвоени сметките за електрична енергија и се знае што е трошок да се купи енергијата, а што е мрежарина.
-Тоа беше сериозна реформа и сега сме на исто ниво како земја членка на ЕУ. Паралелно ги воведовме и тарифните блокови кај домаќинствата кои даваат резултати. Веќе повеќе од година се применуваат тарифните блокови и факт е дека е намалена потрошувачката на електрична енергија за 17,2 проценти на што влијание има и минатата зима која беше блага. По одредени теоретски пресметки влијанието би требало да биде само 5 отсто, но останатите 12,2 проценти се дека се испрати сигнал со тарифните блокови до потрошувачите да се штеди. Мислам дека најголеми заштеди правеа тие што претходно најмногу трошеа, вели Бислимоски и додава дека и во наредниот период ќе продолжи примената на тарифни блокови.
Меѓународната активност на РКЕ почнува од 2005 година
-Првпат во 2005 година се имаме зачленето во тогашната прва асоцијација – Здружение на регулатори во регионот – ЕРА во кое тогаш членуваат дваесетина земји, а сега има 50 до 60 земји-членки кои се распространети на пет континенти. Во рамките на тоа тело постојат соодветни работни комитети кои се однесуваат на ингеренциите за електрична енергија, за обновливи извори на енергија, за права на потрошувачи, за природен гас,… По усвојувањето на Договорот за основање на Енергетска заедница со седиште во Виена во 2006 година една од институциите е и Бордот на регулаторни тела, чиј прв претседател беше тогашниот претседател на РКЕ – Славе Ивановски, кој беше претседател во два мандата на Комисијата. Сега мене ми привршува вториот мандат како претседател на Бордот на регулаторни тела во рамките на Енергетската заедница, вели Бислимоски.
Од јуни годинава, РКЕ е полноправен член и на Здружението на регулатори на медитеранските земји – МЕДРЕГ, кое иако не излегуваме на Медитеранот, побара да бидеме земја-членка.
Со преземањето на ингеренциите во однос на водните услуги, РКЕ стана полноправна членка и на Здружението на регулаторни тела кои се одговорни за определување на тарифи за водна услуга – ВАРЕГ.
Како круна на сето тоа, РКЕ е и набљудувач во Советот на европски енергетски регулатори – ЦЕЕР за чие формирање постои посебна регулатива усвоена од страна на Европската комисија и таму задолжително членуваат регулаторните тела на сите земји-членки во Европската Унија.
– Ние од пред година и половина сме набљудувач и седиме рамо да рамо на иста маса со регулаторните тела од сите земји-членки на ЕУ. Исто така набљудувач сме и во рамките на Советот на европските енергетски регулатори, посочува Бислимоски.
Нагласува дека РКЕ активно учествува во работата на сите овие меѓународни здруженија, а некои од нашите вработени, додаде, се и претседавачи на некои работни групи и се активни и даваат свој придонес.
-Нашето учество во меѓународните регулаторни тела за енергетика и за водни услуги и за отпад ни помага во тековното работење. Од аспектот за струка РКЕ постојано напредува, нашите вработени учествуваат на голем број на обуки кои се најдобар начин да се преземат искуствата кои ги има во другите земји, но и теоретски да се надградат бидејќи на обуките често предавачи се професори на факултети и доктори на науки. Тоа им помага во справувањето со секојдневните обврски кои ги имаат во РКЕ, истакнува Бислимоски.
Додава дека во изминатиот период РКЕ има блиска соработка на билатерално ниво и со сите соседни регулатори.
-Имаме потпишано меморандуми за соработка во делот на усвојување на подзаконска регулатива и со Албанија и со Косово. Со последниот меморандум што го потпишавме со Косово овозможивме лиценци за трговија или снабдување со електрична енергија издадени во Македонија да важат и во Косово, како и лиценци издадени во Косово да важат и во Македонија. Тоа е пред се на барање на косовскиот регулатор, бидејќи нашиот пазар е многу подинамичен и многу поликвиден и има многу повеќе учесници на пазарот. Со тоа им овозможивме на македонските компании без поголеми процедури за вадење на лиценци во Косово да учествуваат на косовскиот пазар на електрична енергија, појаснува Бислимоски.
Во овие 20 години постоење успеавме, нагласува, секогаш барем еднаш во две години да реализираме еден посериозен меѓународен проект.
-Имавме твининг проект со Австрискиот регулатор, имаме неколку проекти со Светска банка кои ни помогнаа во изработувањето на методологии, РКЕ доби и огромен проект за техничка помош од страна на Европската комисија со кој целосно се преработи тогашната регулатива за електрична енергија и за природен гас и е основа на која и понатаму работиме, вели Бислимоски.
РКЕ некако беше и пред времето и работеше на два големи проекти финансирани од Кралството Норвешка со кои работевме на начин како да ги следиме пазарите на електрична енергија и на природен гас така што имаме софтвер за маркет-мониторниг на електрична енергија и на природен гас и на нафтени деривати кој е на најдобро ниво од сите земји во регионот. Тоа ни овозможи врз основа на податоците што ги добиваме во изминатите три години да правиме контроли во компаниите каде ќе воочиме дека има одредени нелогични бројки и каде гледаме дека има недоследности, појаснува Бислимоски.
Валентин Јанковски
Фото: Дарко Попов