Ако можела и сакала државата досега ќе изградела енергетски капацитет, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски и додава „се плашам од корупција ако државата реши да гради во енергетиката, приватниот инвеститор повеќе се грижи за парите од државата“.

Ова Бислимовски го кажува во денешното интервју за Радио Слободна Европа. На прашањето од РСЕ за неговиот став за тоа што во Собранието, по скратана постапка, влегува предлог закон за стратегшки инвестиции во енергетиката, вредни над 700 милиони евра во предизборен период, Бисимовски одговара:

– Jас секогаш ќе ги поддржувам инвестициите во енергетскиот сектор. За овие инвестиции се преговара, се договара некаде од 2019 година и од премиерот Заев и од премиерот Ковачевски, инвестициите како како Митилинеос, Стипион и другите две веќе беа спомнувани повеќе пати во јавноста. Можеме да кажуваме дека сега до крај не е соодветен периодот, но секоја Влада, претпоставувам дека при крајот на својот мандат сака да ги усвои овие инвестиции, кои што се во вредност од речиси 800 милиони евра и со еден од такви проекти да оди на изборите. Значи, во однос на стратешките инвестиции, тоа е еден од начините како може да се реализираат овие инвестиции. Кај две од тие, кај Стипион и Митилинеос, за одреден период им се гарантира цена и тој концепт во Македонија веќе се применува во изминатите 15 до 16 години. Тоа е класичен концепт на фидинг тарифа. Ние со тој концепт на фидинг тарифа, до сега во државата ни се направија 130/140 мегавати мали хидроелектрани, кои што имаат повластена тарифа, се направија ветерни електрани од 72 мегавата и се направија 17 мегавати фотоволтаици, значи тоа се фотоволтаици кои што користат повластена тарифа, вели Бислимовски.

Тој, додава дека, „тој концепт на повластена тарифа не се применува само во Македонија, се применува насекаде во ЕУ за да може да се привлечат инвеститори“.