Како дел од деветтиот пакет антикризни мерки кој Владата го усогласи на денешната седница, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека ќе се субвенционира приватниот сектор, со можност за зголемување на платите од 3.000 до 10.000 денари.
За разлика од претходното законско решение, со кое имаше можност за зголемување на платите во приватниот сектор од 600 до 6.000 денари, Битиќи вели дека новата мерка има неколку ограничувања, но со можност за зголемување на платите од 3.000 до 10.000 денари, а за зголемениот износ на платата работодавачот ќе плаќа само данок на личен доход, а ќе биде ослободен од плаќање придонеси.
Битиќи смета дека оваа мерка директно ќе влијае на намалувањето на неформалната економија и како што рече, дел е од активностите од стратегијата на неформална економија.
-Ограничувањето е дека оваа мерка можат да ја користат сите вработени кои имаат плата до една и пол просечна плата исплатена последните три месеци. Тоа значи дека доколку во декември, ноември и октомври, просечната исплатена плата на вработен не е поголема од една и пол просечна плата, можат да ја искористат мерката во наредните 12 месеци за зголемување во износ од 3.000 до 10.000 денари, кој ќе се договорат со работодавачот. Притоа ослободувањето го добиваат истиот нареден период, рече Битиќи на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање. (МИА)