Mораме да продолжиме да работиме за нашето едно општество во чија основа е токму тоа, искрена намера да го запознаеме и цениме другиот и да создадеме безбеден простор да е свој и да добие шанса каква што посакуваме и за себе, истакна денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на отворањето на 11-тата Научна меѓународна конференција на тема „Предизвици на идентитетот, културното наследство, одржливиот развој и туризмот, поврзани со новите кризи“, што се одржува во Охрид.
– Кон крајот на минатиот век, светот почна да зборува за нов феномен, оној на глобализацијата. Глобализацијата е третирана од различни перспективи и секој што зборува на оваа тема ја дефинира според сопствената перспектива и на тој начин дава идеи за можните предизвици кои ја придружуваат во културата, економијата, и идентитетот. Но, она што јас го гледам во глобализацијата не е закана од искоренување на јасното ЈАС, туку шанса за соработка меѓу народите, запознавање, толеранција и промоција на исклучителната единственост на секој еден, шанса да се запознаеме, а со тоа и да се почитуваме. Само така вистински ќе го кокреираме нашето едно општество за сите. Да живееме, работиме, развиваме – блиску, едни покрај други, рече Битиќи.
Тој потенцираше дека денешните модерни општества се соочуваат со многу комплексни предизвици кои бараат брза прилагодливост, но и повеќесекторско или интердисциплинарно делување. Битиќи посочи дека одржливиот економскиот развој, заштитата на животната средина, грижата за човековите права и многу други сегменти не можат успешно да се адресираат само од една страна и еден актер, било да е тоа Владата, граѓанскиот сектор или бизнисите, туку бара здружено заедничко делување и партнерски однос.
– Но, историјата е добра основа за подобра сегашност и иднина. Историјата која не ја чуваме под стаклено ѕвоно и однадвор ја набљудуваме, туку се обидеме да ја разбереме, ни помага да ги увидиме грешките кои сме ги направиле и да ги запознаеме дури и најтемните ќошиња на човечкиот дух и таму да запалиме светло. Да, ова понекогаш може да биде непријатно и често и да не сакаме да го изговориме гласно, но точно во оваа нелагодност учиме и растеме, точно во оваа нелагодност можеме да ја најдеме колективната моќ за заедничката иднина, рече тој.
Битиќи потенцираше дека покрај предизвиците да гледаме во можност, покрај минатото да се бориме за иднината, покрај различностите да градиме мозаик на заедништво.