Потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи во гостување во емисијата „Македонија наутро“ на јавниот сервис посочи дека економските политики што Владата предводена од СДСМ ги реализира, даваат резултати и дека тоа се докажува и со официјални податоци.

– Во политиката ветуваш и се очекува да ги исполниш ветувањата. Јас бев еден од тие што ја креираа економската политика на Владата и ветивме 20.000 денари минимална плата до 2024 година, а тоа го исполнивме во 2023 година. Ефектите од сите мерки кои ги носиме и системските решенија за минималната плата, пензиите и растот на минималниот гарантиран доход ќе излезат на виделина по стабилизирање на кризата и војната на европско тло, рече Битиќи.

Тој истакна дека поради системското решение на Владата, денес, околу 100.000 пензионери се извлечени од сиромаштија.

-Само поради системското решавање на проблемите сме успеале 100.000 пензионери да ги однесеме над прагот на сиромаштија, кој Светска Банка за земјава го проектира на 14.200 денари. Вака се решаваат проблемите и се подобрува квалитетот на живот. Ова не е доволно, но е податок кој треба да не води за да успееме сите да ги однесеме над прагот на сиромаштија. Од 330.000 пензионери, имало пензионери кои до пред пет години добивале пензии под 10 илјади денари. Ние сите овие ги носиме нагоре, посочи Битиќи.

Одговарајќи на прашање околу замрзнување на цените, потпретседателот Битиќи истакна дека тие мерки се во интерес на граѓаните, но не се на штета на производителите затоа што тие имаат гарантирана маржа на добивка.