Зачестените протести и најави за нови протести за поголеми плати во здравството и судството не го менуваат значително ставот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој вели дека платите може да се зголемат, но доколку се понудат квалитетни услуги, а при тоа да се води сметка покачувањата да не нанесат штета на другите.
-Јас заедно со министерката за труд и социјална политика сме вклучени во скоро сите преговори со сите страни. И немаме никаков проблем да ги зголемиме платите и во здравство при тоа ако имаме здравствени услуги соодветни за нашите баби и дедовци, родители, за нас самите. Немаме проблем да ги зголемиме платите и во судство и во обвинителство ако при тоа граѓаните не чекаат по шест години за своите предмети за да им се реши судбината. Нема проблем, ќе решиме се само да не биде на штета на другите. При тоа треба да не заборавиме ако го зголемиме фондот за плати во здравство, во обвинителство, во судовите, ќе треба да скратиме од пензиите, ќе треба да скратиме од оброците за студентите, ќе треба да скратиме од книгите за учениците. Едноставно е, изборот е тој. Тоа се можностите“, вели вицепремиерот Битиќи.
За в петок протести најави Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ). Протестот ќе биде пред Собранието оти тогаш пратениците ќе разговараат за Предлог – буџетот за 2024 година. Ќе протестираат вработените во судовите и обвинителствата, а вчера и вработените во Фондот за здравство најавија дека ќе се приклучат. Поканети се и сите останати синдикати.