Младите не треба да ги задржуваме, туку да им дадеме крилја, да создадеме можности што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал во сопствената земја, но во исто време ќе ги направи доволно конкурентни за светот, порача денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи

– Скоро секогаш кога зборуваме за миграција ја слушаме и кажуваме реченицата „да ги задржиме младите дома“. Верувам дека секој во оваа просторија кој е родител или некогаш бил млад знае дека да ги задржиш било каде не е никогаш опција. Затоа сметам дека младите не треба да ги задржуваме туку да им дадеме крилја, да создадеме можности што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал во сопствената земја, но во исто време ќе ги направи доволно конкурентни за светот, посочи Битиќи на конференцијата на која се промовираше извештајот „Човечки капитал, миграција и како да обликуваме иднината заедно“ во организација на ОЕЦД.

Според Битиќи, тоа што мораме да го направиме како земја е да не ги избегнуваме нашите проблеми туку да се фокусираме на нив и да зборуваме отворено и најважно во дијалогот да ги вклучиме и младите. Тоа е она што го бараат младите од нас, посочи вицепремиерот Битиќи.