На вистинскиот пат сме да изградиме систем и политики кои ќе ги поддржуваат нашите претприемачи, да се охрабрат и да почнат да ги реализираат своите идеи. Условите за започнување на нов бизнис и создавање на старт-апи се подобруваат, а младиот претприемач полека, но сигурно, го зазема централното место во домашната економија, посочува вицепремеирот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Во колумна за порталот Фактор, Битиќи нагласува дека новите, иновативни бизниси се моторот на денешницата во современите економии и информира дека како дополнителна поддршка за домашната економија, пред околу шест месеци е формиран Националниот старт-ап совет, чија цел е размена на идеи, за да се креираат политики и да се создаде клима која ќе поддржува развој, иновативност, креативност и успех на новите бизнис идеи. Во моментов проектите на домашните старт-апи се ко-финансирани од Фондот за иновации и технолошки развој до 70 отсто од вкупната вредност на проектот, што значи дека за овие копании се обезбедува навистина силна финансиска поддршка од државата, односно од буџетот.
Битиќи пишува дека во моментот се работи на неколку законски решенија кои треба да воведат промена во актуелната состојба да го олеснат влезот и да се овозможат дополнителни финансии од приватни инвеститори во старт-ап компаниите.
-Владата ги гледа младите претприемачи како важен сегмент околу кој треба да се гради долгорочната стратегија за развој на домашната економија во иднина и сметаме дека токму Владата треба да е таа што ќе им го олесни патот кон бизнис светот на оние кои за првпат сакаат да започнат сопствен бизнис. За само четири години, Фондот за иновации и технолошки развој се претвори во дом за сите микро, мали и средни компании, а сега во своето портфолио брои преку 640 компании кои реализирале, започнале или ќе започнат со реализација на проекти во вкупна вредност на инвестицијата од 85,1 милиони евра, подвлекува вицепремиерот.
Како еден од клучните предуслови за развој на претприемништвото, Битиќи го посочува постоење на квалитетен и современ образовен систем, пришто додава дека тоа развојот ќе биде уште позабрзан во комбинација со активно вложување во инкубаторите и акселераторите за поддршка на старт-ап компаниите.
-Силно верувам во поттикнување на стартапите и новите иновативни компании, тие се оние кои ќе не воведат во четвртата индустријализација. Со нив можеме да решаваме голем број на социјални и општествени проблеми, да ги користиме најоптимално ресурсите, преку нив да работиме на се поголема инклузивност и диверзификација по сите основи. За да можеме да го оствариме сето ова има неколку клучни точки кои мора да работат во синергија – првата точка е образованието. Тука треба да почне семето на претприемништвото и да се храни храбриот и иновативен дух на младите луѓе. Самите универзитети и професорите треба да земат активна улога во поттикнувањето на новите лидери кои ќе го променат светот. Следни се инкубаторите и акцелераторите кои ќе вложуваат во ран развој, кои ќе даваат шанса на многу млади бизниси за да може од сите нив да се види кои ќе го поминат ситото и ќе преминат во следната фаза. По нив се инвестициските фондови, како Фондот за иновации, но и приватни фондови кои ќе вложуваат во супер креативни идеи на новото време. Секако, политиките и поставеноста на економскиот систем е работа на Владата и на тоа посветено работиме. Заедно со Националниот совет за старт-апи веќе работиме на овие храбри чекори, се надевам дека ќе инспирираме што повеќе луѓе да се вклучат и ќе бидат понесени од идејата – С. Македонија старт-ап дестинација во регионот, потенцира Битиќи во колумната.