Екс потпретседател на СДСМ и сегашен пратеник, Фатмир Битиќи во објава на социјалните мрежи вели дека нема да се кандидира за претседател на СДСМ, иако, како што пишува, знае дека тоа го очекуваат многу од неговите сопартијци, пријатели и симпатизери на партијата, објави ТВ Телма.
– Јас како Фатмир не сум најсилната алка ниту во СДСМ ниту во нашето општество – но јас, како дел од ТИМОТ кој ги живее сите претходно-спомнати вредности, сум еден од тие кои смета дека нашата партија за скоро време може да се врати на победничките патеки. НИЕ сме тие кои веруваат дека можеме ПОИНАКУ да ги прифатиме методите на разбирање, соработка и взаемно почитување на различностите. НИЕ сме тие кои бараат ПОИНАКОВ пат до единство и дијалог, кои сметаат дека потребно е ново лидерство кое на ПОИНАКОВ начин ќе се усогласи со социјалдемократските вредности, напиша Битиќи меѓу другото на Фејсбук.
Битиќи истакнува дека во рамките на СДСМ „НИЕ ќе функционираме можеби како фракција, можеби како група, но сигурно како дел од СДСМ кој нема да отиде на друго место – секако, се’ додека оној/онаа што биде избран/а за претседател/ка ќе ги покаже на дело сите оние вредности за кои што НИЕ се залагаме. А да бидеме јасни: НИЕ веќе не прифаќаме компромиси со темелните социјалдемократски вредности – доволно тоа се направи во изминатите две, а и повеќе години. Веќе немаме простор, а ниту ни време за импровизации со идеологијата која ја носиме во себе“.
Вчера кандидатури поднесоа Јован Деспотовски, Славјанка Петровска и Венко Филипче, а денеска има уште двајца кандидати. Денеска е последен ден од рокот за поднесување кандидатури, а изборите се на 30 јуни.