„Ако дозволиме национализмот повторно да се врати, тогаш ќе се соочиме со унгарско сценарио, со изолација, враќање назад во грдото минато кога имавме заробена држава и поделено општество. Тоа е едната опција, а другата е патриотска, која нуди иднина за нашите млади и повисоки плати и пензии за граѓаните“, порача на денешните средби со жителите Куманово, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Потпретседателот на СДСМ, Битиќи истакна дека национализмот на ВМРО-ДПМНЕ е закана за ткивото на општеството, тој е опасност за европските перспективи на државата.
„ВМРО ДПМНЕ планира да го блокира напредокот кон ЕУ и со тоа да ја уништи надежта за подобра иднина, сакаат да стават крај на слободата на медиумите и повторно целосно да го узурпираат судството. За да го сокријат својот криминал и корупција нема да ги поштедат и меѓуетничките односи. Нив не ги интересира соживотот, немаат толеранција кон различните, во нивниот свет секој кој не е како нив е исклучен и дискриминиран“, рече Битиќи.
Меѓу другото, тој пред кумановчани повика на обединување на сите прогресивни сили, сите да застанат едни покрај други против ВМРО-ДПМНЕ, противникот на прогресот на државата.
„СДСМ е силна партија, подготвена да се бори за граѓаните и да ги обедини демократските гласови околу европската идеја. Нашата програма вклучува мерки за подобар живот, за соживот, за членство во ЕУ до 2030 година. Нашата програма е патриотска, а не националистичка, затоа што ние сме за повисоки плати и пензии, за мир, толеранција и меѓусебно разбирање,“ рече Битиќи.
Зборувајќи за изборната програма на СДСМ, Битиќи потсети дека патриотизмот на партијата може да се согледа во ветувањето граѓаните во наредните четири години да имаат рекорден износ на плати од 1.100 евра, додека минималната плата ќе биде 600 евра.
„Во нашиот патриотизам има место и за највозрасните, минималната пензија ќе изнесува 20.000 денари, додека просечната ќе се зголеми на 30.000 денари. Не се откажуваме ниту од младите, по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години, а тоа што го ветивме на економски план изминатите 7 години, тоа и го остваривме“, рече Битиќи, се наведува во партиското соопштение.