Чаршијата е наша цивилизациска вредност и одраз на нашиот мултикултурализам, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, при посетата на Скопската чаршија каде беше пречекан од членовите на здружението на занаетчии „Еснаф“.
Посетата ја искористи и за средба со новиот претседател на Еснаф, Бујар Дулови, и членовите на новото раководство на кои и им посака успешен мандат и реализација на нивната визија за Чаршијата, и порача дека ќе ја имаат неговата безрезервна поддршка за потребите на занаетчиите и на Чаршијата.
-Чаршијата е наша цивилизациска вредност и одраз на нашиот мултикултурализам и затоа сите чинители треба да се грижат и да ја негуваат за да му пркоси на времето, и оттука моја обврска но и ваша, е интензивно да работиме за понатамошно развивање на Старата скопска чаршија, рече Битиќи.
Претседателот на Еснаф, Дулови, се заблагодари за искажаниот интерес на вицепремиерот Битиќи да ги слушне нивните потреби и искажа надеж дека во Владата ќе најдат партнер со кој заеднички ќе придонесат за понатамошна ревитализација на чаршијата како историска и мултикултурна вредност.
Вицепремиерот Битиќи при посетата на Чаршијата разговараше и со неколку занаетчии за начините како да се афирмира нивната дејност, но беше запознаен и со ревитализацијата на некои улици кои до скоро беа запуштени, во кои неодамна се отворени угостителски објекти кои помагаат за враќање на сјајот кој го имаше Чаршијата во минатото.