Замрзнувањето на цените, иако непопуларна мерка, но многу битна за граѓаните на нашата држава, е дополнителен показател дека ние вистински се грижиме за сите и во кризни периоди, смета вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој во интервју за „рацин.мк“ потсетува зошто се воведе оваа мерка.
-Ограничувањето на цените на одредени основни продукти следуваше откако ние како Влада џентлменски се договоривме со индустријата за производство на храна, дека тие ќе можат да користат електрична енергија со цена која е близу до онаа на регулираниот пазар за домаќинствата. Но откако по подолг период на користење на овие бенефиции, а можеби уште поважно по подолг период на пад на цените на другите инпути освен електричната енергија во оваа индустрија, малопродажните цени на овие продукти останаа исти, односно на нивото од пикот од септември – октомври минатата година, ние како Влада бевме принудени да преземеме поинакви мерки со цел да го заштитиме стандардот на нашите сограѓани, истакнува Битиќи.
Според него, зачудува фактот што во помалите градови имаше производители кои го продаваа лебот дури и под цената која ја одреди Владата, иако се тоа многу помали производствени капацитети со многу помал пазарен потенцијал од оние кои го снабдуваат главниот град.
-Логично е кога некој произведува поголеми количини од некој производ, цената по единица производ да е помала отколку кај производителот кој произведува мали количини, што, за жал, кај нас според крајните цени во маркетите не беше случај, нагласува вицепремиерот.
Во услови на криза, потенцира, Владата е должна да ги преземе сите мерки кои и стојат на располагање со цел да го заштити стандардот на граѓаните.
-Потпирајќи се на основните принципи на слободната пазарна економија, за очекување беше основните прехранбени производи во главниот град, каде конзумот е најголем, да имаат најниски цени, а во реалноста ни се случи обратното. Во кризи токму државата е таа што треба да преземе чекори за економијата да се движи во позитивна насока. И во КОВИД периодот имаме државен интервеционизам – ги поддржавме компаниите со плати и со разни други видови на поддршки, напоменува Битиќи.
Во интервјуто тој зборува и за работната сила. Уште еднаш повторува дека на нашиот пазар на труд недостигаат одредени профили, и со високи и со ниски квалификации, кои бараат специфични знаења и вештини.
-Иницијативата Отворен Балкан е исто така добредојдена од аспект на мобилност на работната сила, зашто е многу помала веројатноста некоја компанија која инвестира и работи во овој регион да најде соодветен кадар за своите потреби потпирајќи се само на понудата на работна сила во границите на државата во која работи, наспроти можностите кои ги нуди регионот кој засега брои нешто над 10 милиони жители. Ова е барање на стопанските комори кое државите еве го реализираат со што ќе овозможиме витална и конкурентна македонска економија. Компаниите ќе имаат бенефит од ваквата либерализација на пазарот на труд, а заштитени се и нашите работници затоа што на странските компании кај нас 90 отсто од вработените мора да им се македонски граѓани. Понатаму, дури и сегашната квота од 5000 дозволени работни дозволи за странски државјани да се зголеми на 10 000, тоа се само 1,4 отсто од вкупната бројка од 700 000 вработени во МКД, оценува вицепремиерот.