Вашиот труд е она што ја одржува нашата заедница. Вие сте столбот на нашето општество, а ние го препознаваме и цениме вашиот придонес за нашиот заеднички успех и економски развој, вели вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во видео честитката до работниците и работничките по повод 1ви Мај – Меѓународниот ден на трудот.
– Денес изразуваме почит за вашата посветеност на работните места, за вашата професионалност и работна етика, го славиме трудот, посветеноста и придонесот на вас, работниците и работничките за нашето добро и за доброто на идните генерации. После неколкуте години постојан раст на поддршката за работниците, социјалната политика во нашата земја никогаш повеќе не смее да зависи од волјата на поединци, ниту од партискиот маркетинг, вели Битиќи.
Тој потсетува дека од 2017 година минималната плата е зголемивме за повеќе од 100 отсто и денес таа изнесува 20.175 денари, а за време на кризата предизвикана од КОВИД, Владата помогна за спас на 250.000 работни места и поддржавме 35 илјади компании.
– Драги работници и работнички, ова не се празни зборови, ова се реални бројки. Обезбедивме недела да биде неработен ден, а за оние што ќе изберат да работат обезбедена е двојно поголема дневница. Сите овие години со синдикатите имаме партнерски однос и постојано се исправаме заедно пред следните предизвици како што е општиот колективен договор во јавниот сектор, како и усогласувањето на платите со растот на минималната плата, порачува Битиќи.
Тој нагласува дека Владата одлучно останува на патот за системска поддршка на борбата за работничките права и дека работниците никогаш нема да бидат оставени сами и секогаш ќе имате сојузник во Владата во борбата за заштита и унапредување на вашите права.
– Нека овој ден биде потсетник за важноста на работничкото движење и повик да продолжиме да се бориме за повисоки плати, безбедни услови за работа и работнички права. Нека ни е честит 1 мај – Меѓународниот ден на трудот. И утре, и секој нареден ден, Владата останува искрен партнер на работниците и работничките, потенцира Битиќи во пораката.