Криптовалутата биткоин денеска првпат ја надмина вредноста од 30.000 долари, достигнувајќи попладнево 31.502,77 долари, објави агенцијата Блумберг.
Биткоинот на 16 декември првпат го надмина износот од 20.000 долари, а последните денови достигна нови рекорди, приближувајќи се кон 30.000 долари.
– Апетитот за ризик, кој се забележува во купувањето на таа криптовалута, останува непроменет, оценува независниот аналитичар со седиште во Германија, Тимо Емден, кој очекува натамошен раст на вредноста на биткоинот.
Вредноста на биткоинот почна да се зголемува во октомври, бидејќи ПејПал започна сервис на пазарење, продажба и плаќање со таа криптовалута.
Американските аналитичари сметаат дека традиционалните инвеститори веќе почнале да го користат биткоинот, а влијателните експерти на Волстрит почнаа да го следат курсот на оваа криптовалута.
Вредноста на биткоинот се зголемува од 2017 година, кога изнесуваше помалку од илјада долари.