Во стари, ветви тетратки неколку генерации битолски пожарникари уредно впишувале: „Оџакот на фамилија Спасевски од Арнаут Маале – исчистен“ или „Оџаците на двете куќи на фамилија Трајковски, кај Булеварот, исчистени“, и така сè со ред.
И секоја година. Сè до крајот на 80-тите години од минатиот век, кога организираното чистење на оџаците во Битола, како чад, исчезнува.
Во турски дефтери, кои сведочат за османлискиот период и тогашната администрација, јасно е напишано дека на 20 мај во 1836 година со Повелба на румелискиот валија во Битола е формирана пожарникарска служба, а во тоа време, според истражувања на м-р Костадин Поповски, командир на Територијалната противпожарна единица во Битола, тогашните пожарникари гаснеле и оџаци, кои често биле палени или потпалувани.
– Подолго време, односно до 80-тите години на минатиот век, оџачарството беше комунална дејност. Во тој период оџаците ги чистеше противпожарната служба, односно пожарникарите. Во нашата архива има документи, тетратки, сега се многу ветви, ама ги чуваме и во нив има јасна евиденција од која се чита кога оџачарот извршил посета на одреден дом и го исчистил оџакот. Тоа секогаш било завршено пред почетокот на сезоната! Сигурно воочивте…завршено пред почетокот на грејната сезона, а не како денес кога влеговме во месецот кога почнува греењето во домовите, а оџаците не се исчистени, коментира Поповски.
Во Битола нема објект без оџак. Според една брза математика, во градот има околу 25.000 куќи, а секоја куќа во просек има по два оџака, тоа значи дека во Битола максимум може да има околу 50.000 оџаци.
– Секој оџак треба да се чисти на секои два месеца, континуирано за да не дојде до несакани последици. Според статистичките податоци во ТППЕ-Битола, од вкупниот број интервенции на објекти, над 60 отсто се вршени заради неисправни оџаци, а потоа неисправна инсталација или други причини. Но, нашите екипи често забележуваат дека некои оџаци неправилно се направени, изградени. Тоа со други зборови значи, ако оџакот е залепен или блиску поставен до покривни штици-чатми, може да биде опасен и лесно запалив заради греење, жарење. Често се случува при предавање или пуштање нови објекти во употреба, да не се изврши ревизија на исправноста на оџаците. Никој не се качува на покривот! Во таква ситуација потенцијалните опасности од пожар се големи, нагласува Поповски, и посочува на позитивни примери од странство. Во Брисел, вели тој, оџачарството е посебно почитувана дејност. Не може да биде пуштен во употреба никаков објект, ако оџачар не се потпише за исправноста на оџакот, а со самото тоа на објектот. Или на пример во Љубљана, додека не биде поставена писмена потврда со текст: „Оџакот е исправен“, оџакот не може да се користи.
За оџачарите има различни мудрости…Некои велат: „Среќата во секој дом доаѓа од покривот!“, некои пак ќе речат: „Најважно е да ти чади оџакот!“, а првиот пожарникар во градот м-р Поповски има одговор и за тоа.
– Така се вели затоа што оџакот како градежен елемент на секој објект или куќа е елемент кој поттикнува и од кој зависи животот. Ако немаш оџак, ќе ти биде ладно и не можеш да живееш нормален живот, а ако оџакот не го исчистиш, за жал, може да се случи целиот стекнат имот, семејното богатство, за минута да исчезне. Во денешни услови, во овие модерни времиња и современи градби, хипотетички можни се објекти без оџак или без класичен оџак. Но, оџакот не секогаш се користи само за издувување на топлотните гасови, напротив, тој може да се користи и за вентилација. Со или без класичен оџак, објектот мора да биде безбеден. Но, за разлика од кај нас, во други држави, оџачарството поинаку се третира, вели тој.
Додава дека оџачарството претставува организирана и континуирана заштита.
– Во Хрватска на пример, оџачарството се врши со издавање концесија на регистрирана оџачарска фирма. Во Загреб, градот е поделен на четири зони и за секоја зона е издадена концесија на оџачари кои постојано ги чистат тамошните оџаци. Нешто слично е во Белград, каде има фирма која постојано чисти и наплаќа преку комуналните сметки. Кај нас во Битола нема организирана фирма која се занимава со оџачарство. Во таква ситуација, граѓаните самоиницијативно ги чистат оџаците, изложувајќи се на сите опасности при качување на покривот и, што е најважно, ризикуваат од недоволно исчистен и неквалитетно исчистен оџак кој има талози од јаглерод моноксид во тврда агрегатна состојба. Граѓаниниот нема таква опрема што може да исчисти, често се случува да го запали оџакот со намера да го изгори напластеното, не знаејќи дека процесот на согорување се врши на температура од 1000 Целзиусови степени, а тоа пак предизвикува пукање на оџакот, па и опожарување. Сега е актуелно греењето во домовите со пелети кај кои статистички има најмал процент на испуштени ПМ 10 честици. Согорувањето на пелетите е големо, но поголема е потребата за чистење на оџаците затоа што оџакот кој е користен од грејно тело дрво се загрева до температура од 40-50 Целзиусови степени, но оџак чија дилатација, струење што го вршат пелети, тогаш загревањето на оџакот е многу, многу поголемо и опасноста од пожар исто така голема, впрочем, огнот е добар слуга, но лош господар, појаснува Поповски.
Обидот на Поповски и група ентузијасти да се придонесе во намалувањето на овој проблем со промоција на професијата оџачар заврши неуспешно.
– Направивме обид. Познавајќи ја состојбата со оџачарството, регулативите и други околности, сакавме да коригираме една нормативна празнина бидејќи во нашата држава не постои професија оџачар! Формиравме Центар за образование и обука на возрасни „Пегаз-Еду“, лиценциравме програма за обука на професионални оџачари, односно за занимање оџачар. Ние бевме првите во државата кои иницираа зголемување на нивото на обученост и подготвеност на лица за брза акција, а низ програмата идните оџачари ќе знаеја како се локализира и гасне пожар од запален оџак, спасување имот и лица од пожар предизвикан од запален оџак, методи за чистење оџаци, чадоводни објекти и уреди за вентилација, но и воочување на појавите и промените во работата на оџаците. По завршувањето на програмата, учесникот полага завршен испит и се стекнува со сертификат за стручна оспособеност – оџачар. Но, за жал, ниту во 2015, ниту денес нема интерес за занимање оџачар, вели Поповски.
Според него, тоа е така затоа што нема институционална поддршка, затоа што оџачарството не е составен дел на Законот за комунални дејности и не претставува обврска на ниту еден комунален субјект. Програмата беше лиценцирана преку Министерството за образование, но немаше интерес за упис. Нашата иницијатива беше одлична можност за поставување основи, за нови можности на младите и за формирање оџачарска фирма. Кога би имале организирана оџачарска служба, граѓаните би биле спокојни и нема да дозволат оџаците да ги чистат пред сезона. За жал, овој период почнуваат барањата за интервенции, заради нестекната навика за одржување чист оџак, појасни Поповски.
Во меѓувреме најголемото загадување на воздухот и испуштање ПМ 10 честици и оваа зима ќе го вршат нечистите оџаци, затоа што недоволното согорување е причина за загадувањето.
И, да…велат дека ако сретнеш оџачар, цел ден ќе те следи среќа! Така велат…
Марјан Танушевски за МИА