Виолета Стојковска

Денес првата асоцијација кога ќе се спомене аптека е дека тоа е женска професија. Повеќе од 90 отсто од вработените се припаднички на понежниот пол. Но порано не било така. Патријархалната средина во Македонија и на целиот Балкан долго давала отпор да види жени во фармацијата. Но токму ние треба да бидеме горди на фактот дека првата школувана аптекарка не само во Македонија туку и на целиот Балкан била од Битола.

Нејзиното име е Рајна Алексова, родена на 15 јануари 1883 година во Битола. Ако ги прелистаме настаните од нејзиниот живот, ќе видиме дека во 1902 година заминала на студии на Фармацевтскиот факултет во Лозана, Швајцарија, и веќе во 1906-та добила диплома и станала првата Македонка дипломирана фармацевтка, наедно и прва жена на Балканот. Ако ја погледнеме во контекст на тоа време на Отоманската Империја, тогаш стануваат уште повидливи нејзиното огромно значење и силниот печат што го оставила во историјата на македонската и на балканската фармација.

На дипломата – националност: Македонка

Рајна во тие дамнешни времиња немала потреба да го „зајакнува“ или „потврдува“ својот идентитет, бидејќи швајцарските универзитетски власти во 1906 година во нејзината диплома на француски јазик јасно ја имаат запишано како Рајна Алексова, националност: Македонка. Таа гордо се идентификува со својот македонски народ, истакнувајќи го тоа.

Според кажувањата на нејзината правнука Нина Даниловска, стоматолог од Битола, која со семејството веќе 10 години живее во Љубљана, прабаба ѝ Рајна уште од рана возраст имала силно изразена желба и љубов кон интелектуализмот и професијата, кои претставуваат нешто особено и ѝ даваат големо значење во нејзината биографија. Дипломата од Лозана сведочи за нејзините енормни хоризонти, во тоа далечно време кога ги поставува основите на аптекарството.

Во потрага по дипломата од Лозана, неодамна семејството Даниловски и нејзиниот праправнук, стоматологот Горазд, синот на Нина, како единствени нејзини наследници (бидејќи Рајна Алексова била омажена со Жика Кнез Милојковиќ од Белград, но немала деца), се упатиле во Лозана и од универзитетската управа побарале копија од нејзината диплома. Администрацијата на факултетот со швајцарска прецизност, по добивањето на барањето, со писмо напишано на мејл во ходниците на факултетот, само за неколку часа им издала копија верна на оригиналот, со датум 1.11.2018 год.

Копија од дипломата на Рајна Алексова од 1906 година

А, оригиналот на дипломата на Рајна Алексова од Факултетот за фармација од Лозана ден-денес се наоѓа во Софискиот музеј во Бугарија. Роднините наследници се во тек низ процедура во оваа институција во Софија да го докажат правото што го имаат како единствени наследници и да им се врати драгоцената диплома во Македонија.
Со љубовта кон учењето Рајна урива бариери и стереотипи во Османлиското Царство. По завршувањето на Француската гимназија во Солун, нејзиниот богат и многу постар од неа брат Ристо Алексов-Шпицарот (на турски аптекар), кој ја имал првата аптека во Битола и бил трговец и приучен аптекар, во 1902 год. ја однел со воз во Лозана, Швајцарија, и ја запишал на Факултетот за фармација, на нејзина голема радост, со желба да дипломира и потоа заеднички да ја водат аптеката.

Четири години подоцна во Битола се вратила како европска дама, закитена со диплома на фармацевт. Нејзината и радоста на брат ѝ Ристо траеле кратко, бидејќи, откако веста за школувана каурка стигнала до тогашниот управител на Битола, започнуваат мачните денови, месеци, па и години за најучената жена во градот на конзулите. Турските власти, повикувајќи се на муслиманските закони, не ѝ дозволувале да ја врши аптекарската професија. Но Рајна не се откажувала. Заобиколувајќи го тогашниот валија, таа пратила писмо до Цариград и барала, „за добро на народот во Битола“, да ѝ се овозможи да отвори сопствена аптека. Чекајќи го одобрението од Цариград, неколку години работела како калуѓерка во државната болница во Ќустендил, потоа во бугарската болница во Цариград, за на крајот во Едрене да биде учителка по хемија во женската гимназија. Рајна не ја напуштала надежта дека еден ден ќе се занимава со професијата за која имала диплома од еден од најпрестижните универзитети во Европа. За нејзина среќа, тоа го сфатил и тогашниот турски великодостојник Хилми-паша, кој решил да ѝ помогне на умната и упорна битолчанка. По неколкуте преписки со портата, Хилми-паша успеал да издејствува кај султанот – сите родени во Македонија што работеле во Бугарија и кои не биле компромитирани да добијат дозвола за работа. Така, Рајна како прва жена на Балканот ќе добие специјална дозвола да работи како аптекарка.

Битола: Првата куќа од лево на фотографијата е куќата во која била аптеката

Истата куќа во поново време (втора од лево)

Во 1909 год. на Широк сокак, на главната улица веднаш до градскиот саат, во аптеката на нејзиниот брат Ристо, ќе биде отворена првата страница во професионалниот живот на првата фармацевтка на Балканот.
Балканските војни и Првата светска војна оставиле хаос и разурнати болници и аптеки, што се одразило и на условите за работа и во аптекарството. Според кажувањата на правнуката Нина, во 1919 год. била испратена комисија од тогашното Министерство за народно здравје на Кралството на Југославија за да ги провери условите за работа во сите аптеки и потоа да констатира кои од нив ги исполнуваат основните критериуми за натамошна работа. Најпрво ја посетила аптеката на Рајна Алексова, која била најпопуларна во градот. И покрај тоа што најдобро работела во Битола, што се гледало и од големиот број пропишани рецепти што ги издавала дневно, била парично казнета со 30 динари. Во извештајот што го напишала комисијата сепак стоело дека немало услови за работа: аптеката не одговарала на прописите од санитетскиот закон, одаите биле недоволни, а бил затекнат и нејзиниот брат Ристо како издава рецепти, кој бил трговец и не бил квалификуван за аптекар.

Една од најстарите фотографии намкоја се гледа и натписот АПОТЕКА

Комисијата констатирала дека водењето на аптеката било „само на штета на народното здравје“ и побарала Рајна да ја достави својата оригинална диплома за завршен факултет, која, пак, бугарскиот окупатор при повлекувањето од Битола ја однел во Бугарија, заедно со другата бугарска архива. Рајна добила дупликат диплома од факултетот во Лозана, која била судски заверена како верна на оригиналот, на 14.12.1919 година. И, така, аптеката ја продолжила својата работа како приватна аптека на Алексови до крајот на Втората светска војна, кога била национализирана и станала државна аптека.

Аптекарските дневници од оваа аптека, кои педантно ги водела фармацевтката Рајна, се непобитен доказ за нејзиното постоење и за изработката на галенски препарати и неодминлив документ за проучување на историјата на аптекарството во Битола. Дневниците со рецепти што таа ги водела се од француско потекло, уредно заверени на првата страница и пишувани на француски јазик. Денес тие се чуваат во Историскиот архив во Битола, како „Фонд на аптеката на Рајна Алексова“.

Рајна Алексова во повозрасни години

Внука ѝ Роксани Алексиќ – со променет идентитет

Таа непосредно ја пренела големата љубов кон науката и фармацијата на своите потомци, на следните генерации во нејзиното семејство. Рајна Алексова им оставила аманет на своите поколенија, па по нејзините стапки тргнала и нејзината внука м-р Роксани Алексова-Франц, која исто така во Лозана дипломирала фармација, во генерацијата 1924/1928 год. На нејзината диплома издадена по Букурешкиот договор пишува: Роксани Алексиќ. Во продолжение е напишано на француски само родена во – Монастир, без наведување на идентитетот! Како доказ на жестоките асимилаторски пропаганди низ вековите низ смената на режимите за негирање на постоењето на македонскиот народ и македонската нација. Подоцна, по дипломирањето на Факултетот за фармација во Загреб, на семејната традиција се приклучила и сестра ѝ м-р Елпиники Алексова. Од документацијата на Општинската здравствена служба во Битола може да се види дека Рајна Алексова до пензионирањето во 1944 година работела во семејната аптека на Алексови, а потоа ја наследила внука ѝ Роксани.

Роксана Алексова во млади години

Роксана Алексова како пензионерка

Рајна била силна поборничка на девизата „живеј како што знаеш, но умри значајно“. Нејзиното дело, значење и вредности како непобитни историски факти ги обработува очниот доктор Петар Бојаџиев од Битола, во својот докторат на тема „Здравството во Битола низ вековите“, во кој пишува дека најголем извор на информации му биле работните дневници што ги водела Рајна. Нејзина филозофија на животот била „со текот на децениите, на вековите, исчезнуваат земните нешта, а остануваат безвременските значења и вредности, кои по својата природа се есенцијални“. Токму тие височини успеала да ги достигне Рајна.
За жал, Рајна Алексова животот го завршува трагично. На 23 февруари 1959 година, луѓето што кај неа живееле како потстанари, ја задушиле и со себе однеле пари и сѐ што било вредно во нејзината убава и голема семејна куќа. Така, на 79-годишна возраст трагично го завршува својот плоден живот. И уште еднаш ја потврдува есенцијата – „со текот на вековите исчезнуваат земните нешта, а остануваат безвременските значења“.

Правнуката на Рајна Алексова, Нина, со синот Горазд, во Лозана по копија од дипломата на прабаба им

pravnukata-na-Rajna-Aleksova-Nina-so-sinot-Gorazd-koi-otidoa-vo-Lozana-ja-pobaraa-i-ja-dobija-kopijata-od-diplomata-na-prababa-i-Rajna..j

Почетокот на 20 век Рајна Алексова го означува и му дава белег, а како непобитен историско-научен факт би требало да ја читаме во учебниците како пионерка на фармацијата во Македонија и на Балканот. Во 2016 година постхумно е прогласена за една од најзначајните жени во историјата на Битола. И сосема за крај, на вакви личности што придонеле за општеството, Словенците им подигаат споменици, им организираат традиционални денови во знак на нивно сеќавање. Деновиве во градот Ново Место се одржуваат „Денови на Леон
Штукељ“, по повод 120-годишнината од раѓањето на овој славен словенечки олимпиец. Неодамна се одржаа „Денови на Марија Томшич“, во знак на делото и личноста на првата медицинска сестра во доленскиот регион. Еве предлог до Македонија и општината Битола или до фармацевтската фела – да се воведат денови на Рајна Алексова, во знак на почит и слава кон нејзиното значајно дело и личност.

Дипломата на Роксана